Не одиме на локални избори без одржување предвремени парламентарни избори заедно со претседателските следната година. Ваков беше ставот на опозицијата пред точно една година кога опозицијата притискаше за предвремени избори, а сега, само една година подоцна, се исплаши од можноста тие да се одржат заедно со претседателските избори, пишува „Курир“.
Ставот на СДСМ тогаш беше дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија нема да оди на локални избори доколку не се одржат и предвремени парламентарни, претставувајќи го тоа како услов и единствен начин за излез од политичката криза.
– Без договор за предвремени парламентарни избори нема решение за излез од оваа криза – изјави тогашниот потпретседателот на СДСМ, Андреј Петров, за време на протестите на опозицијата.
Протестите се одвиваа во сите градови во земјава, а опозицијата предводена од Бранко Црвенковски секаде нагласуваше дека одржувањето предвремени парламентарни избори е единствен начин за СДСМ да учествува на локалните избори.
И тогашниот портпарол на СДСМ, Емилијан Станковиќ, во изјава за еден од опозициските портали рече дека не отстапуваат од барањето за одржување на парламентарни избори.
– Ние сме подготвени да постигнеме политички договор, но нашиот став е многу јасен: прифаќаме избори организирани според демократските критериуми ако се фер и не отстапуваме од барањето парламентарните избори да се одржат заедно со локалните – рече Станковиќ.
Откако беше постигнат договор опозицијата да учествува на локалните избори со тоа што биле договорени и предвремени парламентарни избори, раководството на СДСМ беше доста задоволно од ваквиот епилог, нагласувајќи дека го добиле тоа што го сакале, одржување предвремени избори.
– Нашето клучно барање за постигнување договор за одење на предвремени парламентарни избори е постигнато и кажано. Со еден збор, на локални избори одиме, предвремени избори ќе има. Прво, договорено е веднаш по локалните избори да се седне на заедничка маса за да се утврди тајмингот за следните парламентарни избори. Содржината и суштината остануваат исти: тајмингот за редовни парламентарни избори е утврден со Устав, а секое седнување на маса и договарање друг датум значи договор за предвремени парламентарни избори – рече Петров на прес-конференција на почетокот од март минатата година.
И додека СДСМ пред точно една година притискаше и молеше за предвремени парламентарни избори, сега најголемата опозициска партија се исплаши од можноста да се одржат предвремени избори заедно со претседателските.
Колку СДСМ тогаш посакуваше предвремени избори, условуваше и уценуваше за истите говори и податокот што околу 100 лица симпатизери на СДСМ заиграа дури и оро пред штабот на партијата, поради тоа што Бранко Црвенковски успеал да договори предвремени избори заедно со претседателските.
СДСМ во февруари 2013 година играше „победничко оро“ за исполнување на нивната желба, предвремени избори, а сега, во февруари 2014 година, бега како ѓавол од темјан кога станува сѐ поизвесно одржувањето на тие предвремени избори кои социјалдемократите толку ги посакуваа, заедно со претседателските избори, впрочем како и што самите бараа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.