| четврток, 6 декември 2018 |

Академијата за филмска и телевизиска уметност ќе отвори постдипломски студии во Охрид

Кон крајот на март или почетокот на април Охрид ќе добие постдипломски студии по филмско сценарио на англиски јазик во рамките на Академијата за филмска и телевизиска уметност – ФАМУ, објави „Охрид прес“.

Дипломата од ФАМУ на дисперзираните студии во Охрид ќе биде идентична како и таа во Прага.

Според проценките на ФАМУ, во овој момент се најпотребни постдипломски студии по филмско сценарио, а планот е потоа постепено да се воведуваат и постдипломски за режија и фотографија…. На академијата ќе може да се запишуваат и студенти од странство, па се очекува таа да стане регионален центар на ФАМУ за едукација во филмската уметност.

Македонија е прва земја со која ФАМУ склучува ваков тип соработка. Идејата е од 2008 година, а почна да се конкретизира со неодамна потпишаниот меморандум со Министерството за образование и наука за соработка за формирање мешовит тим. Меѓу другите, во него ќе бидат вклучени актуелниот декан на Академијата  во Прага  Павел Јех и македонскиот режисер Иво Трајков, кој е професор на ФАМУ и амбасадор на македонската култура во Чешка.

МОН и ФАМУ соработуваат три години во кои 11 македонски студенти добија стипендии за студирање на познатата филмска академија – четворица за додипломски и седум за втор циклус студии, од кои тројца и ги завршија.

ФАМУ е основана во 1947/1948 и е петта најстара филмска школа во светот. Од неа произлегле познати имиња во филмот и литературата, како Милош Форман, Милан Кундера, Јиржи Менцл, Вацлав Хавел, Лордан Зафрановиќ, Емир Кустурица.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top