| четврток, 6 декември 2018 |

Објавен тендерот за ски центар Водно

Договорниот орган АД Електрани на Македонија – Скопје преку електронскиот систем обајви тендер за изградба на ски центар Водно, објави „Скопје инфо“.

Највисоката точка на скијалиштето е на надморска висина од 1050 м каде е завршната станица на жичарата гондола, а најниската точка е на надморска висина од 570 м каде е почетната станица на жичарата гондола.

Инвеститорот ќе биде должен да изгради четири ски-патеки на Водно од Крстот кон Нерези со вкупна должина од 3850 метри. Исто така, тој, ќе мора да изгради и три ски-лифта со должина од 1350 метри, два подвижни тепиха кои вкупно ќе бидат долги 160 метри. Во рамки на скијачкиот комплекс се планира и изградба на ресторан од 200 квадратни метри и една административна зграда од 240 квадратни метри во која ќе има ресторан, ски-рента и ски-школа.

Досега на Водно се изградени неколку пропратни објекти како што се планинарски дом и идниот ресторан кој е сместен во самото приземје на Милениумскиот крст. Исто така тука се наоѓа и жичарата гондола, чија почетна станица е лоцирана во локалитетот средно Водно и се простира се до врвот на Водно каде што е позиционирана крајната станица или местото за слегување од кабините на гондолата.

Самата близина ќе претставува атракција за целата популација на Скопје и регионот. Далечината од другите краеви до Ски патека на Водно ќе изнесува:

* Куманово (40 минути)

* Тетово (45 минути)

* Аеродром „Александар Велики„ (25 минути)

Во светот постојат неколку проекти од ваков вид каде што главниот град има скијалиште веднаш до него, на само 10 минути од градскиот центар. Сето тоа е возможно поради постоењето на планината Водно и неговите метеоролошки и географски структури кои овозможуваат да има зимски активности. Исто така, со реализацијата на овој проект, градот Скопје ќе има уште една атракција повеќе со која ќе се одликува како туристичка дестинација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top