Кривичниот суд во Истанбул го потврди обвинението за кривично дело „трговија и конзумирање опојна дрога” за 53 лица, меѓу кои се и голем број на познати турски актери, пренесува турски „Милиет“.
За нас најпознатите меѓу нив се Кенан Имирзалиоглу, познат во Македонија по улогата на Езел во истоимената серија, како и Мурат Јилдирим, најпознат по улогата на Саваш во серијата „Аси“.
За обвинетите побарана е затворска казна во висина од 6 до 17 години затвор поради „трговија со дрога” и „конзумирање или поседување дрога”.
„Езел“ е обвинет дека обезбедил место за складирање и конзумирање дрога, бидејќи дрогата ја конзумирал заедно со колегите во својот дом.
Во обвинението се додава дека Имирзалиоглу, при техничкото прислушување и следење на неговиот телефон, дрогата ја спомнувал под шифра како „ЦД”, „млеко” и „бела рада”.
Во изјавата во своја одбрана, Имирзалиоглу изјави дека дрога пробал само еднаш пред две години, кога летувал на островот Сими со пријателите кои му понудиле марихуана, и освен тоа не конзумирал дрога.
Првото судење е закажано за 21, 22 и 23 мај во Кривичниот суд во Истанбул.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.