Урбани градини кои се извишуваат кон небото претставуваат иднина на земјоделството, тврди белгиски архитект. Облакодерот од 132 ката кој содржи станови и канцеларии, но и полиња за ориз и овоштарници, е проект на архитектот Винсен Калебо.
Самоодржливата зграда наречена „Dragonfly“ би црпела енергија од ветрот и сонцето, а топлината би ја чувала благодарејќи на фасадата од челик и стакло. Отпадот би се претворал во течна состојба и веднаш би се користел како природно ѓубриво.
„Замислете дека од својот стан излегувате во ходник полн со цвеќиња и јадете јаболко кое сте го набрале во овоштарникот на четвртиот кат. На пат до канцеларијата минувате низ градина која сама се грее и собира дождовна вода“, ја објаснува Калебо својата футуристичка визија.
Тој би сакал урбаната фарма да ја смести на островот Рузвелт во Њујорк, каде би изградил и пазарче на кое станарите ќе можат да продаваат овошје, зеленчук, месо и млечни производи.
Проектот го претставил на меѓународен саем во Кина, но досега не се јавил ниту еден заинтересиран купувач.
„Луѓето се потсмеваат со мене и мислат дека зборувам за научна фантастика“, признава белгискиот архитект.
Сепак неговите идеи послужиле како инспирација за други проекти. Меѓу нив и Пасона во Токио, деловна зграда од девет ката која на вработените им овозможува да одгледуваат зеленчук и овошје во специјални „зелени зони“.
Идејата за вертикална фарма Калебо ја добил кога прочитал податок дека, според проценките, во 2050 година дури 6 милијарди луѓе ќе живеат во градови.
„Градовите на иднината ќе бидат исклучително густо населени. Мора да измислуваме нови начини како да ја доведеме природата во урбаната средина“, објаснува овој архитект.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Општина Аеродром: Нема можност за стопирање на градбата кај Мајчин дом
-
За инает, нема ни ходник, ни лифт: Инвеститорот на најтенката зграда работи нелегално!
-
Судирот на двајца браќа создаде монструм: Оваа зграда е ново градежно чудо!
-
Инвеститорот на објектот кај „Мајчин дом“: Ќе поднесам тужби ако ми се кочи градбата