Аргентинскиот тенисер Хорасио Себалос го расипа кам-бекот на Рафаел Надал, со победа над 11-кратниот гран слем шампион во финалето на турнирот во Виња дел Мар, Чиле.
Во неизвесен меч, Себалос славеше со 6-7, 7-6, 6-4 и ja освои првата титула во кариерата.
Подвигот на 27-годишниот тенисер од Мар дел Плата има уште поголема тежина, бидејќи е направен со пресврт, што е исклучителен успех против Надал. Шпанецот има само 17 порази во кариерата на земја и го нарекуваат „крал на земјените подлоги“.
-Среќен сум и покрај поразот. Му честитам на Хорасио на исклучително добрата игра и на првата титула во кариерата. Воодушевен сум од луѓето во Виња дел Мар. Подршката од нив беше фантастична. Се чуствував како да сум роден во Чиле. Им благодарам – рече Надал.
Шпанецот не играше тенис 7 месеци, или точно 223 дена поради проблеми со левото колено. Одлучи да се врати токму за турнирот во Виња дел Мар, каде никогаш претходно не настапил. Неговото доаѓање предизвика вистински бум во Чиле, а во местото каде се играше турнирот имаше вистинска треска за билети. Трибините кога настапуваше Надал постојано беа преполни.
За жал во првиот настап по долгата пауза, некогашниот рекет број еден ги загуби и двете финалиња. Во сингл поуспешен беше Себалос, а во игра на двојки Надал и Хуан Монако загубија од италијанскиот тандем Лоренци и Стараче со 2-6, 4-6.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


