| четврток, 6 декември 2018 |

Николоски: Изборот е признание за Македонија за почитување на највисоките демократски стандарди

Пратеникот Александар Николоски на денешната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур беше избран за потпретседател на Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание.

Комитетот функционира во рамки на Советот на Европа, а меѓу другото се занимава со мониторинг на заштита на човекови права, јазични и малцински права, спроведување на одлуките на Европскиот суд на правдата во Стразбур, мониторинг на претседателски и на парламентарни избори во сите 49 земји од Европа, работата на Венецијанската комисија за правдата и останатите кои се однесуваат на сите земји членки.

– Изборот е уште позначаен поради тоа што претседателот, согласно договорот на пратеничките групи, припаѓа на Социјалистичката партија, а потпретседателот припаѓа на Европската народна партија каде што припаѓа ВМРО-ДПМНЕ. Успеав во тешка конкуренција во рамки на Европската народна партија да бидам номиниран и избран на оваа позиција – изјави за МИА пратеникот Николоски, чии противкандидати беа шефовите на шведската и на финската делегација, што уште повеќе, нагласи, дава тежина на изборот поради тоа што се работи за две големи и значајни земји. Мандатот е една година со право на уште еден избор.

Ова е признание и за државата, истакна Николсоки, поради тоа што се предлагаат само кандидати од земји кои ги исполнуваат највисоките демократски стандарди, што покажува дека Република Македонија ги почитува овие стандарди.

– Ова ќе биде поен плус за Македонија особено во однос на македонското малцинство во Грција и во Бугарија бидејќи јас лично ќе се заложам како потпретседател на Мониторинг комитетот да се почитуваат обврските кои овие две држави ги имаат преземено спрема Советот на Европа и соодветно да се заштитат и двете малцинства – потенцира Николоски.

Оваа комисија меѓу другото определува и известители за сите земји членки во Советот на Европа, определува шефови и членови на набљудувачки мисии за избори, го цени спроведувањето на обврските поврзани со Советот на Европа, како и ги мониторира земјите доколку спроведуваат одредени свои активности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top