Од година во година во земјава никнуваат нови трговски центри (особено главниот град е најатрактивен), а финансирањето е најчесто од странски инвеститори. Во фаза на изградба се уште неколку нови грандиозни трговски центри, а за некои има најави, особено во приградските општини каде се нудат локации во новоотворените економски зони.
Многумина скептици се прашуваат дали отворањето на нови и нови трговски центри има оправданост кога куповната моќ на македонското население не е голема. Ако се гледа според податоците за посетеноста на шопинг центрите, може да се каже дека тие објекти се најатрактивните места бидејќи за време на викендите, или додека има некоја промоција, поголемите трговски центри во еден ден регистрираат и по 20.000 посетители, бројка што сама по себе го објаснува трендот на отворање на трговски центри во Скопје, објавува “Вечер”.
Но, според добрите познавачи на состојбите, отворањето на големи шопинг центри значи влез на директни странски инвестиции во земјава кои генерираат нови работни места, плаќање на плати и надоместоци за вработените со што расте и стандардот на населението, потоа го поттикнуваат домашното производство, бидејќи голем дел од производите се продаваат во големите супермаркети отворени во трговските центри со што се добива една позитивна развојна димензија.
Економистите сметаат дека трговските центри кои во своите редови имаа познати модни и други брендови, успеваат да привлечат купувачи од соседните земји, а тоа значи каков-таков влез на свежи девизи на пазарот.
– Многумина граѓани на соседните земји порано одеа во Солун или Софија или Белград да купат брендирано парче облека. Сега ем им е поблиску, ем можат да ги купат во нашите молови. Од друга страна многу земји во светот токму во трговските центри гледаат голем потенцијал за економски раст бидејќи значителен процент од бруто домашниот производ на тие земји се креира во шопинг моловите. На Филипини на пример, петтина од работните места се во трговските центри, и тие остваруваат 15% од БДП-то на таа земја – коментираат економисти кои наведуваат дека инвестициите во трговски центри значат и активирање на градежната индустрија и придружните дејности.
Полезноста за економијата на една држава од отворањето на нови трговски центри ја поткрепува и статистиката. Според австриската компанија Реџио План Консалтинг, за 20 години по паѓањето на комунизмот во Источна Европа се изградени над 1.000 трговски центри. Процесот на изградба на ТЦ поинтензивно почна во 2000 година, а кулминираше во 2007 година кога за само една година се отворени над 300 нови шопинг центри.
Нови шопинг центри
Од новоизградените трговски центри најнов е Капитол Мол&Резиденс во скопски Аеродром во чија изградба беа вложени 30 милиони евра и кога ќе работи во полн капацитет ќе има место за 400 лица. На изградбата беа ангажирани над 250 работници од преку 50 компании (изведувачи и подизведувачи), повеќето од земјава и неколку од странство.
Преклани се отвори трговскиот центар Скопје Сити Мол чија инвестиција беше во вредност од над 100 милиони евра. Според инвеститорите, трговскиот центар вработува околу 2.000 лица.
На 1 септември 2010 е отворен новиот трговски центар Веро, како прв центар на Верополус групацијата која инвестираше во него повеќе од 40 милиони евра за комплетната градба. Во рамките на новото Веро беа пополнети околу 500 нови работни места и тоа најголемиот дел од нив во супер маркетот Веро и 270 нововработени во детската продавница “Џамбо” додека останатите го покриваат останатиот дел од трговскиот центар.
Трговскиот центар Рамстор Мол почна да функционира во 2006 година и е ланец на интернационалните малопродажни супермаркети на Мигрос Турк Т.А.Ш. Инвеститорот Рахми Коч во изградбата на Рамстор Мол вложи 20 милиони евра.
Во 2006 година од Градскиот трговски центар беше купена тогашната зграда на Бизнис центарот. Австриската фирма Соравија Баутрегег” го купија објектот на сегашниот Соравија центар за 10,3 милиони евра и во неговото опремување во наредните две години вложија дополнителни 20-ина милиони евра.
Во октомври 2009 година беше отворен трговскиот центар Зебра во чија изградба беа вложени 8 милиони евра.
Скопски пазар во декември 2008 година во општина Ѓорче Петров го отвори деловно-трговскиот центар СП-Планет, вреден девет милиони евра. Инвестицијата обезбеди вработување на најмалку 150 лица. Истиот инвеститор во 2011 година го отвори трговскиот центар Бриколаж на местото на стариот Кванташки пазар во Скопје, инвестиција вредна 2,5 милиони евра.
Наспроти експанзијата од нови трговски центри, постоечките трговски центри изградени во ’90-тите години од минатиот век се оставени на забот на времето. Економската криза и конкуренцијата ги уништува некогашните бисери на трговијата.
Мавровка, Бисер, Скопјанка, Олимпико, Алуминка, Антико, Чаирчанка….со години стојат со дуќани што можат да се избројат на прсти…со по некој фризерски салон, деловна канцеларија или колонијал. И овие трговски центри се наоѓаат на атрактивни локации, па дури и во близина на дел од новите трговски центри.
Од постарите трговски центри само ГТЦ им пркоси на помладите молови. Пред се поради локацијата и традицијата. ГТЦ дневно во просек го посетуваат 27.000 граѓани.
Во внатрешноста најголем е трговскиот центар Глобал во Струмица кој почна со работа во 2008 година и во чија изградба беа вложени 14 милиони евра.
Наскоро треба да биде пуштен во употреба ТЦ Палма мол во Тетово, кој ќе биде трет најголем трговски центар во Македонија. Во него се вложени 20 милиони евра и треба да отвори дополнителни 200 работни места и со постоечките 150, би биле вкупно 350 работни места.
Во штипската населба Сењак во тек е изградбата на најголемиот трговски центар во Источна Македонија – Елкос, во кој ќе се продаваат прехранбени производи и бела техника, а во него ќе се вработат 80 лица. Инвеститор е косовско-црногорската фирма Елкос груп.
Владата има намера да ја зголеми изградбата на трговски центри и во другите градови во Македонија. Со продажба на државното земјиште по почетна цена од едно евро за квадратен метар допрва треба да се очекува изградба на трговски центри и во други градови, како во Битола, Гевгелија, Струмица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Се полни државната администрација – Владата склучи договор за привремени вработување од над 56.000 евра
-
Трикови на трговските центри за да трошите повеќе пари
-
Бројот на работни места во Струга зголемен од 7.500 на 11.500
-
Атанасов: Алаѓозовски продолжува со вработување на партиски кадри на сите нивоа во министерството



