Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, и амбасадорот на Руската Федерација, Олег Шчербак, денеска во Скопје ќе приредат свечен прием по повод 20 години од воспоставување дипломатски односи меѓу двете држави.
На приемот, нa кој ќе присуствуваат претставници на Владата и на други институции, свое обраќање ќе имаат министерот Попоски и амбасадорот Шчербак.
Русија ја призна независноста на Република Македонија на 4 август 1992 година, една година по распадот на Југославија и прогласувањето на независност на земјата. Дипломатските односи, пак, под уставното име на Македонија беа воспоставени на 31 јануари 1994 година.
На 6 октомври 1994 година руското претставништво во Скопје прерасна во Амбасада на Руската Федерација. Истата година, македонската Канцеларија за врски во Москва почна да функционира како Амбасада на Република Македонија.
Односите меѓу двете земји ги карактеризира пријателство и високо ниво соработка. На 27 јануари 1998 година претседателите на Руската Федерација и на Република Македонија ја потпишаа Декларацијата за соработка и пријателство меѓу двете држави.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


