
Само со акредитација од Министерството за образование и наука (МОН) ќе може да се организираат натпреварите во основните и средните училишта на општинско, регионално и државно ниво. За да се добие акредитација, потребна е пријава на конкурсот што ќе го објави утре МОН. За акредитациај што ќе се издава за период од три години може да се пријават здруженија, односно сојузи на наставници по одделен наставен предмет, сроден предмет или научна област на која припаѓа наставниот предмет. Акредитациите се дел од усвоените два правилници на МОН со кои првпат се дефинира стандардизиран и унифициран начин и поблиски критериуми за организирање и изведување на натпреварите на учениците по одделни предмети во основното и средното образование, информира денеска на прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Тој нагласи дека обврска на избраните здруженија, односно сојузи е натпреварите на учениците да ги организираат исклучиво преку наставници што изведуваат настава по одделен наставен предмет, сроден предмет или научна област на која и припаѓа наставниот предмет. Исто така, натпреварот мора да го организираат на целата територија на РМ на сите наставни јазици, со
исклучок на натпреварите по мајчин јазик. Со ова, смета мнистерот, се дава поддршка во унапредувањето на квалитетот на организацијата на училишните натпревари, независно од областа на натпреварување, затоа, како што рече, натпреварите служат за вреднување на стекнатите знаења, умеења и вештини на учениците и нивно рангирање според постигањата.
За учество на конкурсот, што ќе биде објавен во печатените медиуми и на интернет страницата на МОН, здруженијата, односно сојузите треба да се регистрирани со таа намена најмалку три години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


