| четврток, 6 декември 2018 |

Претседател со интегритет, ослободен од партиските стеги

„Република“ консултираше експерти, кои, секој од свој агол, дадоа свое видување за тоа како би требало да изгледа идниот шеф на државата, односно се обидоа да го исцртаат неговиот профил, се разбира, врз основа на политичкиот и економскиот момент и потреба на Република Македонија

Личност со значајно политичко искуство зад себе, особено во меѓународната политика. Професионален статус кој бара добро познавање на економијата, меѓуетничките состојби во земјава и верските групи. Личност со значаен кредибилитет кај сите граѓани на Република Македонија, а не само партиски омилен лик. Личност која ќе умее храбро да се соочи со предизвиците што ќе се најдат пред неа и која ќе знае најразумно да најде компромисно решение за проблемите што ги засегаат сите граѓани во земјава. Личност која со силата на сопствениот авторитет ќе ги надмине предрасудите, партиските влијанија и ќе воспостави цврсти врски со своите колеги од регионот, сѐ со цел подобрување на односите со соседите. Сепак, врв на нејзините приоритети треба да биде значајно позиционирање на Република Македонија во поглед на евроатланските перспективи и градењето цврсти врски со сите земји во светот, од аспект на економски бенефит за земјата, односно овозможување влез на препознатливи економски марки.

Вака некако изгледа профилот на идниот претседател на Република Македонија, кој граѓаните на оваа земја треба да го добијат на редовните петти по ред претседателски избори, кои се закажани за април годинава. Но, пред да се случи и официјалното распишување на изборите за идниот шеф на државата, тој најнапред треба да биде пронајден со име и презиме од страна на политичките партии во земјава, но и од страна на сите оние личности кои според Законот за избор на претседател можат да се кандидираат, се разбира доколку ги исполнуваат законските одредби за тоа. Во меѓувреме, додека врхушките на политичките партии мудруваат, размислуваат и мерат внатрешен рејтинг на одредени личности, кој треба да биде не само висок, туку и значајно прифатлив не само за партиските членови, туку и за неопределените и, секако, за сите етнички заедници во земјава, „Република“ консултираше експерти, кои, секој од свој агол, дадоа свое видување за тоа како би требало да изгледа идниот шеф на државата, односно се обидоа да го исцртаат неговиот профил, се разбира, врз основа на политичкиот и економскиот момент и потреба на Република Македонија.

И двајцата соговорници без исклучок зазедоа став дека идниот претседател на Република Македонија треба да се бара во редот на личностите кои се препознатливи во јавноста како авторитетни, пред сѐ за граѓаните во земјава, но и кои ќе можат достојно да нѐ претставуваат и надвор од неа. Не мора задолжително да биде од редот на универзитетските професори, туку, едноставно, да биде личност која ќе биде широко прифатена од сите граѓани на Република Македонија, ќе биде експерт во одредена област и ќе умее да влее доверба кај граѓаните.

– Не е правило дека треба да биде од редот на универзитетските професори или дека треба да биде политичар со долг стаж. Тоа што е најважно е дека треба да биде морална личност со значаен кредибилитет, за која ќе бидат врзани значајни морални и етички принципи – вели аналитичарот Алберт Муслиу, кој додава дека идниот претседател на Република Македонија мора да биде широкоприфатена личност, што подразбира да биде прифатлив за сите етнички заедници во земјава.

– Без разлика што ќе биде предложен од одредена политичка партија, тој мора да биде прифатлив за сите граѓани, односно да биде личност со сопствен интегритет и така да се однесува и откако ќе биде избран за претседател на Република Македонија. Во нашето комплетно поделено општество тој мора да се наметне со сопствениот личен интегритет бидејќи граѓаните, без оглед на која националност и да ѝ припаѓаат, тоа навистина умеат да го ценат. На тој начин тој ќе успее да ја минимизира поделеноста во општеството, а за себе да си обезбеди статус на претседател на сите граѓани на Република Македонија, што е една од основните заложби на секој претседателски кандидат. Но, доколку за време на кампањата се настапува исклучително партиски, шансите таа личност да ги освои сите гласачи е многу мала. Единствено што може да добие за возврат е негова комплетна дискредитација, без оглед дали зад себе ќе има значаен број освоени гласови – вели Муслиу додавајќи дека е сигурен оти во секоја политичка партија постојат личности што умеат да ги надрастат партиските интереси и да се однесуваат за време на кампањата, но и по неа, неутрално, односно да ги застапуваат барањата на граѓаните и, секако, да се концентрираат на исполнувањето на задачите и на проблемите кои се од државно-стратегиски интерес.

Pretsedatel-2014-2

Во сите досегашни четири изборни претседателски циклуси граѓаните на Република Македонија имаа можност да избираат (во вториот круг) меѓу кандидати што ги предлагаат двете најголеми политички партии во земјава, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, односно меѓу кандидати што добиле најголема поддршка кај македонското и кај албанското гласачко тело. Досега по непишано правило избиравме меѓу личности кои одамна беа на политичката сцена, како, на пример, Киро Глигоров, Борис Трајковски и Бранко Црвенковски или, пак, личности кои не биле активно вклучени во политиката, но таа била дел од нивниот професионален работен ангажман, како што е случајот со актуелниот претседател Ѓорге Иванов. Иако во описот на работата на првиот дипломат во државата е меѓународната политика, претседателот на државата има многу допирни точки и со економијата бидејќи тој, исто така, заедно со својот кабинет, е дел од промотивната приказна за Република Македонија како земја во која треба да се инвестира. Токму затоа, вели нашиот соговорник, можеби, е време за шеф на државата да биде назначен економист по професија.

– Несомнено дека идниот претседател на Република Македонија треба да има големо познавање на меѓународната политика и дипломатија, но, со оглед на фактот дека нашата земја е во постојана потрага по странски инвеститори, што значи е во постојан контакт со претставници на сериозни економски и бизнис корпорации, сметам дека можеби би требало да се размисли за можноста идниот шеф на државата да дојде од редот на познавачите на економијата. На тој начин значително би ѝ се олеснила и работата на Владата на Република Македонија, односно би се овозможило да се формира и претседателски тим кој дополнително ќе ја промовира нашата земја како добра економска дестинација и, истовремено, ќе преговара со заинтересираните бизнис партнери – вели проф. д-р Сашо Кожухаров, декан на Економскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.

Тој потенцира дека идниот шеф на државата треба да формира специјално економско тело, составено од експерти од економија, чија основна цел ќе биде да ѝ нуди на Владата проекти за економски раст и просперитет на земјава и истовремено да разгледува можности за бизнис соработка со земјите во светот. Но, за да се направи сето тоа, во тимот на експертите, вели професорот Кожухаров, треба да бидат избрани личности кои ќе имаат познавање од макроекономската сфера, односно од монетарна економија или проектирана монетарна политика, потоа рестриктивна или инфлаторна-пропулзивна политика и, секако, директни или индиректни мерки на политика на каматни стапки.

– Секако, тука влегува и фискална економија, инвестициска политика, односно Joint venture, Greenfield, фазите во инвестицискиот циклус, во кој се наоѓа националната економија, капиталоинтензивна или трудоинтензивна позиционираност. Во сите овие економски сфери, но и во многу други, сметам дека идниот претседател на Република Македонија може многу да придонесе за зајакнување на економската стабилност на земјава – додава д-р Кожухаров.

Сепак, додека сме во очекување на конечниот избор на политичките партии за имињата на кандидатите со кои ќе одлучат да влезат во претседателската трка, вредно е да се спомене и фактот дека претседателските избори, наспроти парламентарните, се одвиваат според мнозински систем, кој налага два круга на гласање, што подразбира целосна мобилизација на гласачкото тело од страна на претседателските кандидати или, пак, политичките партии кои стојат зад нив. Од тој аспект особено се важни имињата на претседателските кандидати бидејќи токму тие недвосмислено играат особено голема улога при одредување на одѕивот на гласачите и, секако, можноста за апстиненција од целиот изборен процес.

(Пишува: Магдалена Андоновска
Текст објавен во 72. број на неделникот „Република“, 17.01.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top