
Зоран Ставрески не ја напушта македонската влада. Информациите дека тој заминува во Светската банка во Вашингтон се чиста шпекулација, коментираат извори на „Република“ откако некои медиуми објавија дека Ставрески бил решен да ја напушти Владата и да даде оставка од функцијата министер за финансии и вицепремиер за економски прашања.
Ставрески, тврдат нашите извори, останува, а ова е шпекулација излезена од СДСМ, кој по којзнае којпат лиферува лаги поврзани со името на актуелниот министер за финансии.

Зошто СДСМ се плаши од Ставрески?! Што е она што нив ги тера постојано да шпекулираат со неговото име и да пласираат разни лаги? Според многумина домашни и странски аналитичари, тој е еден од најдобрите економисти што земјава ги имала во својата историја. Беше дел од економскиот тим кој ја водеше македонската економија во годините на големата светска економска криза. Успешното справување на Македонија со кризата го признаа и ММФ и Светска банка, а еден од креаторите на политиката за справување со глобалниот проблем беше токму Ставрески. Тој не дозволи да се почувствуваат големи последици од големата должничко-доверителска криза. Не дозволи Македонија да го доживее тоа што го доживеаја Грција, Португалија, Шпанија, Италија, Ирска, Кипар, земји кои претрпеја големи последици од таа криза. Не дека во Македонија не се осети таа криза, но, сепак, Ставрески и македонската влада преку мерките што ги преземаа успеаја да не дозволат земјава да претрпи големи последици како што тоа беше случај со посочените земји. Големиот удар од кризта беше избегнат.
Ставрески дојде на функција во 2006 година, откако ја напушти високата позиција во Светска банка. Ја наследи македонската економија во многу лоша состојба, како последица на транзицијата што ја спроведуваше СДСМ и на криминалот во време на владеењето на оваа партија, како и на неспособноста на тогашната власт за справување со сериозните економски проблеми со кои се соочуваше земјата во тој период .
Од друга страна, во овие седум-осум години, по доаѓањето на оваа влада, невработеноста константно се намалува. Првпат во последните 17 години невработеноста се намали под 30 проценти, а во 2005 година, последната година од владеењето на СДСМ, стапката на невработеност изнесуваше рекордни 39 отсто. Расте бројот на странски инвестиции, БДП е во постојан раст, а Европската банка за обнова и развој во најновиот извештај прогнозира раст на македонската економија од три проценти во 2014 година, што е за 0,3 отсто повеќе од претходната прогноза.
Дали една од причините за шпекулациите пласирани од медиумите што се блиски до СДСМ е фактот дека тој е политичар со висок рејтинг и ужива голема доверба од граѓаните во земјава?!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


