| четврток, 6 декември 2018 |

Балканска сензација: Срби ќе играат фудбал за репрезентацијата на Косово

Сензационални најави за балкански услови што ги потврди и селекторот на фудбалската репрезентација на Косово, Алберт Буњаку, доаѓаат од северот на Македонија, и велат дека српски фудбалери ќе играат за селекцијата на Косово.

– Не сакам да именувам ниту еден фудбалер, но потврдувам дека информациите се точни. Со дел од српските играчи лично контактирав, а со некои и преку посредници. Заинтересирани сме за таков договор и сакаме најдобрите фудбалери да играат за Косово. Без разлика на националноста, ако имаат квалитет, добредојдени се во нашата репрезентација – вели Буњаку.

Косово доби „зелено светло“ за играње меѓународни натпревари од ФИФА, но не смее да користи никакви државни и национални обележја. Во март Косово ќе игра пријателска средба, а Буњаку вели дека дотогаш нема да има време да се завршат преговорите со српските фудбалери.

– Не сакаме да им правиме проблеми бидејќи сѐ уште има длабоки рани од војната на Косово, но во блиска иднина сигурно е дека српски фудбалери ќе играат во нашата репрезентација. Тоа е логично бидејќи по распадот на Југославија без проблеми играа и во другите селекции од поранешната држава – додава Буњаку.

Ова звучи неверојатно за наши, балкански услови, а би било интересно да се види како ќе функционира целата работа со евентуален настап на Срби во косовската фудбалска репрезентација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top