| четврток, 6 декември 2018 |

Георгиевски бара единство и што побрзо решавање на спорот со името

ljubcogeorgievski

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-НП, Љупчо Георгиевски, испровоциран од успехот на Грција, побара од политичарите, особено од владејачката ВМРО-ДПМНЕ да стават крај на, како што вели, губитничката политика на наводна одбрана на името, која Македонија ја остави на опашката во регионот, кога е во прашање евроинтеграцискиот процес. Тој вели дека формалниот почеток на преговори на Србија за членство во ЕУ за Македонија треба да биде последен аларм за Македонија, која треба да постигне единство во државата и, конечно, да го реши проблемот со името, со што ќе се деблокира евроинтеграцискиот процес.

Георгиевски потсети дека во 2001 година кога Македонија го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација, Црна Гора не беше ни држава, а денес преговара со ЕУ, Хрватска беше зад нас, а сега е членка на ЕУ и на НАТО, Косово не беше држава, а во евроинтеграцискиот процес веќе не’ стигна, Србија никој не ја ни споменуваше, а денес ги почна преговорите за членство во ЕУ.

-Србија треба да ни биде пример, од аспект на државотворноста на нејзиното раководство за кое државниот е поважен од партискиот и личниот интерес. Србија донесе одлуки кои се многу потешки од одлуките што треба да ги донесе македонското државно раководство. Србија се откажа од историјата, од територија и од 100.000 граѓани кои живеат во Косово – посочи Георгиевски.

Тој  не е оптимист дека апелот ќе даде плод, но е загрижен дека во Македонија повторно се подготвува терен главна изборна тема да биде кој повеќе го брани името, а кој е предавникот. За него се несфатливи повиците за единство за политиката која 20 години ја држи Македонија во место.

-Нам ни треба единство за брз компромис и брзо зачленување во ЕУ и во НАТО. Спорот со Грција никој од нас не го измисли и не може никој сам да го реши. Ако заедно не го решиме, никој отстрана нема да дојде да го реши – порача Георгиевски и додаде дека во решавањето на овој проблем не треба да има победници и губитници.

За Георгиевски последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц „Горна Република Македонија“ е добра основа за решавање на проблемот. Во однос на најавите дека е можно заедно со претседателските да се одржат и предвремени парламентарни избори, Георгиевски смета дека на Mакедонија реално не и’ е потребен нов изборен циклус, но доколку навистина владејачките партии се подготвени веднаш по предвремените избори да го решат спорот со Грција, тогаш таа опција вреди да се поддржи.

-Во тој случај, кандидатите за претседател, но и кандидатите за премиер треба да потпишат декларација дека бараат мандат од граѓаните, меѓу другото, и за да го решат проблемот со името – нагласи тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top