Во последниот дуел од четврт-финалните мечеви Роџер Федерер го победи Енди Мареј со 3-1 (6-3, 6-4, 6-7, 6-3) во сетови.
Швајцарскиот тенисер одлично го почна дуелот. Сервисот го служеше одлично и без проблеми ги освојуваше своите гемови. Мареј се мачеше во текот на целиот натпревар со својот сервис и му допушти на својот противник дури пет брејк-гема.
Федерер по почетокот на соработката со новиот тренер Штефан Едберг ја забрза играта, почесто излегува на мрежа и со голем процент ги освојува поените. Само во вториот сет Мареј успеваше да најде противигра на сервис-волејот на Федерер.
Во третиот сет „Федекс“ сервираше за меч при резултат 5-4, но Мареј испеа да го одземе сервисот на противникот и да го однесе сетот во тај-брејк. Швајцарскиот ас повторно беше на чекор до победата при водство од 6-4, но не успеа да го освои својот сервис. Мареј со четири едноподруго поени успеа да го намали натпреварот на 2-1 во сетови.
Сепак, во четвртиот сет Федерер правеше притисок на секој гем на Мареј и во осмата игра успеа да го одземе сервисот на шкотскиот тенсиер, со што рутински го приведе сетот до крај воедно и беше победник во мечот.
Роџер Федерер во полуфиналето ќе игра против Рафаел Надал, кој го совлада Григор Димитров со 3-1.
Во првото полуфинале ќе играат Томаш Бердих и Станислас Вавринка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.