| четврток, 6 декември 2018 |

Лондонски келнер се обидел да го уапси Тони Блер

Како што јавуваат британските медиуми еден лондонски келнер се обидел да го „уапси“ поранешниот британски премиер Тони Блер, поради операцијата против Ирак, спроведена по негова наредба во 2003 година.

Настанот се случил во ресторанот „Трамшед“, каде Блер ручал, заедно со своето семејство и со пријателите.

Британскиот правен систем предвидува можност да се изврши т.н. „граѓанско апсење“, во кое лице, по кое се трага, може да биде задржано од лице, кое нема надлежност за тоа.

– Се доближив до Блер, ја ставив раката на неговото рамо и му кажав: „Господине Блер, ова е граѓанско апсење за злосторства против мирот, поточно за Вашата одлука да почнете војна против Ирак, која не беше испровоцирана од ништо. Дојдете со мене во полициска станица за да одговорите на тоа обвинение – ја раскажа случката келнерот Твиги Гарсија.

Поранешниот премиер влегол во расправија со келнерот. Му напоменал дека сега треба да се грижи за Сирија и го прашал дали според него Садам Хусеин не бил жесток диктатор, кој требал да биде соборен од власт.

Во оваа расправија се вмешал еден од синовите на Блер, кој го повикал обезбедувањето. Тогаш Гарсија си заминал, бидејќи не сакал да западне во неволја, со оглед на тоа што и во минатото имал проблеми со полицијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top