Роже Федерер меѓу првите му честиташе на сонародникот Станислас Вавринка за блескавата победа против Новак Ѓоковиќ во четвртфиналето на ОП на Австралија. Во вистински маратон, сличен на ланскиот на истото место во Мелбурн, овој пат Вавринка славеше со 2-6, 6-4, 6-2, 3-6, 9-7. Во минатото издание на турнирот Новак беше подобар, го добио последниот сет со 12-10, а потоа и ја освои титулата, трета во Мелбурн.
„Апсолутно заслужено. Стен ти си крал“, напиша Федерер на својот профил на „Твитер“. Двајцата Швајцарци се многу блиски и во приватниот живот и на тениските терени. Вавринка и Роже често играат во тандем во двојки на АТП-турнирите и на граснлемовите.
Швајцарците се надеваат на финале на Отвореното првенство на Австралија во кое ќе играат Федерер и Вавринка, што би било историско за земјата на часовниците и на чоколадата. За да се случи такво нешто, Вавринка треба да го победи и Томаш Бердих во полуфиналето, а Федерер да биде подобар од Енди Мари и потоа, веројатно, и од Рафаел Надал, што е тешка, но не и невозможна мисија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


