| четврток, 6 декември 2018 |

Италијански компании заинтересирани за инвестиции во Македонија

Италијанска делегација составена од претставници на компании од текстилната индустрија, земјоделството, производството и информатичките технологии деновиве ја посети Македонија на иницијатива на министерот за странски инвестиции, Џери Наумоф, со цел реализирање потенцијални инвестициски проекти.

Претставниците на овие компании се специјализирани во областа на корпоративни спојувања и аквизиции, како и на инвестирање во странство и работат со најдобрите италијански асоцијации и стопански комори. Свои канцеларии имаат во Рим, Палермо и во Милано.

Иван Бехаре, сопственик на адвокатското студио во Милано „Легале Бехаре“,  кое е специјализирано за давање надворешни консултантски услуги, по вторпат ја посети Македонија за во соработка со министерот Наумоф да отвори канцеларија со цел посредување со италијанските бизнисмени кои ќе отворат или ќе го прошират својот бизнис во Македонија.

Станува збор за компании од областа на информатичките технологии, компанија која е производител на сигурносна опрема, тим кој ќе развива кардио-медицински туризам, развивање проекти од областа на енергетиката и компанија која се занимава со истражување, проектирање и инженерство.

Според Бехаре, италијанските компании се посветени на инвестирање во Македонија поради конкурентните трошоци за водење бизнис, образованата работна сила и логистичка предност.

– Италија е блиску до Македонија, леснодостапна со редовни авионски конекции. Бизнис-пријателската средина во Македонија претставува големо олеснување во споредба со италијанската бизнис-клима базирана на зголемени даноци и затегнати регулативи. Италијанските претставници планираат инвестициски проекти во Македонија препознавајќи ги пробизнис предностите кои ги нуди Македонија. Следниот месец предвидуваме неколку компании да ја посетат Македонија за да ја донесат својата одлука за избор на локација – се наведува во соопштението од кабинетот на Наумоф.

Италијанската делегација за време на престојот ги посети технолошко-индустриските развојни зони, а, исто така, се сретна и со директорот на „Текнохозе“.

Деновиве тие имаа средби со претставници во Министерството за земјоделство, на Агенцијата за поддршка на туризмот, каде што беа презентирани туристичките потенцијали на Македонија, а беше остварена посета на успешна ИТ компанија како и посета на реномирани правни, сметководствени и менаџерски консултантски фирми.

Оваа посета е резултат на службеното патување на министерот Наумоф во Италија кое беше реализирано есента. Инаку, Италија е една од индустриски најразвиените земји во Европа.

Министерот Наумоф и неговиот кабинет, исто така, работат и со други брзорастечки мали и средни италијански компании кои поставуваат свои бизниси во Македонија. Овие инвестициски проекти ќе вработат одлични работници со натпросечни плати, а исто така ќе се создаде трансфер на знаење, се вели во соопштението.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top