Се врати 15. контингент од Армијата на Република Македонија, кој во изминатите шест месеци се грижеше за безбедноста на главната команда на силите ИСАФ во Кабул, Авганистан.
Командантот на контингентот, потполковникот Боро Глаткоски, потенцира дека сите припадници совесно, достоинствено и одговорно ги извршија обврските, а доказ за тоа, подвлече, се и големиот број пофалби и благодарници кои нашите војници ги имаат добиено во оваа ротација.
Во петнаесеттата ротација во силите ИСАФ во Авганистан, АРМ учествуваше со 156 припадници, односно со механизирана пешадиска чета „Леопарди” од 1. мпбр, која беше задолжена за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул.
Мировниците ги пречека министерот за одбрана Талат Џафери, кој им ја соопшти одлуката на Владата за измени и дополнувања на Законот за служба во АРМ, со кои се овозможува професионалните војници по 45-тата година да продолжат да работат во институциите на Република Македонија.
Тој изрази задоволство и поради фактот што сите припадници на АРМ, дома, кај своите семејства, се вратија живи и здрави, но и оти во рамки на мисијата тие уште еднаш ги покажаа своите вештини и знаења, како и својата професионалност во извршување на задачите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


