| четврток, 6 декември 2018 |

Георгиевски: Негативната традиција против Исланд, мотив повеќе да дадеме сѐ од себе

Денеска од 16 часот македонската ракометна репрезентација во Хернинг ќе се соочи со тешкиот противник Исланд, но, исто така, и против лошата традиција. Досега од 11 одиграни натпревари против екипата на Исланд, нашата репрезентација има забележано само две победи.

Мечот со Исланд ќе биде шанса да се поправи впечатокот по поразот од Унгарија, како и остварување на еден позитивен резултат кој би нѐ однел меѓу најдобрите осум.

– Свесни сме за негативната традиција против Исланд, но тоа е само мотив повеќе да дадеме сѐ од себе за да забележиме победа над овој ривал. Темпото на натпреварувањето е пеколно, секој втор ден играме нов меч, па затоа нема време ниту да се радуваме на победите ниту, пак, да тагуваме по поразите. Мечот со Унгарија е зад нас и сега се фокусираме единствено на пресметката со Исланѓаните, кои играат одлично на овој шампионат. Очекувам во нападот да бидеме доста подобри бидејќи Исланд реално игра доста послаба одбрана од Унгарија. Сепак, од друга страна, тие се многу побрзи и можат да ни создадат огромни проблеми со својата игра во транзиција. Немилосрдно ги казнуваат сите грешки на противниците, буквално сите играчи трчаат во контра и полуконтра, тоа е нешто на што ќе мораме да внимаваме – изјави крилото Гоце Георгиевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top