Охрид, македонскиот духовен центар и прва туристичка дестинација, ги живее деновите на црковно-народниот спектакл за големиот христијански празник Богојавление – Водици. Со концерт на балканската музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ, а ден потоа и на хорот Света Злата Мегленска” започнаа четиридневните празнувања на празникот на кој, според христијанското предание, св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Верниците за здравје пак наздравија со топла ракија. На свеченоста на фрлањето на крстот присуствуваше Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, бројни претставници на политички партии во земјава.

Со најатрактивната манифестација – фрлањето на светиот крст во водите на Охридското Езеро, градот Охрид го потврди епитетот балкански Ерусалим, пред неколку илјадите гости допатува во Охрид за големиот празник Богојавление-Водици.
Годинава крстот го фати 24-годишниот варошанец Петар Рупевски, кој по втор пат е најсреќниот охриѓанец. Тој веќе еднаш ги фатил крстот во 2005 година.
-Многу сум среќен што повторно го фатив крстот. Тој и во 2005 година ми донесе многу среќа мене и на моето семејство, а се надевам и сега ќе биде така, рече Петар откако излезе од езерските води додавајќи дека нема зборови да ја опише радоста.
Годинешниот кум, градоначалникот Никола Бакрачески, задоволен од рекордна посетеност на Охрид.
– Целта е со понудената програма и содржини да успееме да ги привлечеме и да ги задржиме гостите во градот повеќе денови, а не само за празникот на 19 јануари. Сето она што се предвидува за празниците е преку атрактивна програма да се придонесе за продолжување на празниците по повод Богојавление, а истовремено оние што ќе бидат тука за Водици да го препорачаат Охрид, како дестинација за некоја од наредните години, вели Бакрачески, изјави Бакрачески.

Годинава во студените осветени езерски води заплива над 1.000 капачи. Меѓу нив имаше и верници од други градови на државата, но и од странство:Србија, Бугарија, Чешка. Повеќето од нив не беа задоволни поради предвременото влегување во вода на некои капачи, сметајќи дека се онеправдани, а забелешки имаше и на тоа што Владиката тетовско-гостиварски Јосиф, кој прв пат го фрла крстот во Охридското езеро, порано го фрлил крстот во водите на езерото, пред да биде завршена песната „Војордание“ која традиционално се пее пред да влезат капачите во езерото, така што излегувањето на Петар Рупевски од езерото беше проследено со свирежи од многубројната публика.


Во одбележување на празникот се приклучија и сите хотелско- ресторански објекти во градот, кои во интерес на што поголема посетеност ги намалија и центите. Така, ноќевање со доручек по лице нудеа за 12 евра, а промотивни се и цените и на останатите услуги. Празнувањата завршуваат в понеделник, 20 јануари, со Денот на рибарите, кај месноста Сараиште и групното капење во езерските води закажано за 15 часот. Во организација на Здружението на рекреативни риболовци „Свети апостол Петар” од Охрид пак ќе се додели плакета за заслужни граѓани за трајно уништување на рибниот фонд во Охридското Езеро. Светската наградата за хуманизам, која традиционално се доделува на Водици, годинава замина во рацете на академскиот сликар Светлин Русев од Бугарија. Во Охрид за време на Водици се собра и научната јавност од Европа и светот како дел од Меѓународната конференција за културно наследство, туризам и медиуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


