
Македонија има вкупно девет амбасадори на културата во светот кои го промовираат националното културно богатство во земјите во кои живеат и творат и секој од нив активно учестува во промоцијата на земјата. Елизабета Канческа-Милевска денеска имаште работен состанок со шест од деветте амбасадори и тоа Милчо Манчевски (амбасадор во САД), Владо Јаневски (Хрватска), Снежана Пановска (Малезија), Елена Мисиркова (Австрија), Иво Трајков (Чешка) и Благој Нацоски (Италија). Од оправдани прични на состанокот не беа Иван Поповски кој е македонски амбаадор во Руската федерација, Зафир Хаџиманов (Србија) и Горан Стефановски (Англија).
– Со оглед дека последната средба со амбасадорите ја имавме пред две години, сега се договоривме сите амбасадори на културата да присустуваат на отворањето на годинешното издание на „Охридско лето“ на 11 јули, се разбира ако не ги попречат некои професионални обврски – изјави Канческа-Милевска по средбата.
Oваа година се навршуваат 20 години од воспоставувањето на билатералните односи со Австрија, Чешка, Унгарија, Јапонија, амбасадорите активно ќе се вклучат во одболежувањето на овој јубилеј. Во договор со министерството за култура, тие ќе поднесуваат извештај за она што го сработиле во измината година.
– Сакам да им се заблагодарам за сѐ она што го направиле и го прават. Можеби јавноста не е доволно информирана за сите нивни аткивности, но тие се заслужни за огромната промоција на Македонија во светот и во земјите каде што се амбасадори – изјави Канческа-Милевска.
Уметноста и нашата култура може да бидат силно оружје во промоција на државата и во тоа се сите сложни.
– Јас не сум административец, туку уметник и преку мојата работа се надевам дека се презентира македонската култура. Во она што го работам се вклучени и други уметници и на тој начин ние ја презентираме нашата работа и ја промовираме Македонија – вели режисерот Манчевски, кој во изминатиот период имаше плоден период. Тој предаваше на неколку врвни американски универзиттети, неговата изложба ја видоа во Виетнам, Болоња, Кембриџ, а филмовите „Четврток“ и „Мајки“ беа на 40 филмски фестивали во светот.
Мисиркова, инаку концертен пијанист која живее и работи во Австрија смета дека откако во 2010 година бил потпишан договорот за културна соработка меѓу Македонија и Австрија биле продлабочени врските меѓу овие две земји. Таа се обиде да наброи дел од активности – гостувањето на камерниот оркестар на МОБ, двете гостувања на „Мајовците“ потоа изложби на Васко Ташковски, Антони Мазневски, концерт во Брисел…
– Имаме успешна комуникација со министерството за култура. Освен што работиме на промоција на македонската култура во странство, се презентира и тврештвото на другите уметници – вели Мисиркова.
Професорката по пијано во Малезија Снежна Пановска веќе 21 година живее во оваа земја. Освен што е многу активна во земјата во која живее, таа успева во последните 8-9 години да донесе уметници од оваа земја да учестуваат на ликовните колонии во Дебарца. Активна е на музички план, добитник на повеќе меѓународни награди, а успеала и два хора од Малезија да ги научи да пејат на македонски јазик со песни од Живко Фирфов.
Владо Јаневски најави дека оваа година „Синтезис“ ќе направат бум на хрватскиот пазар, а очекува и добра промоција од „Езерки“, групата составена од хрватски државјани кои имаат македонско потекло, но кои пеат на одличен македонски јазик.
Нацоски е среќен што успеал да издејствува кај своите колеги да изведуваат дела од македонски автори.
– Кај своите пријатели композитори нарачав преработки на македонски народни песни, но изведени во покласичен стил и многу сум задоволен што нив ги изведуваат странски изведувачи и што остануваат на нивниот репертоар. Исто се случи и со јапонскиот хор кој изведе македонски песни. Интересно е да се види и да се чуе како Јапонци пејат во седум-осмински такт – рече Нацоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


