| четврток, 6 декември 2018 |

Шокантен пресврт, нема ниту една понуда за пакетот акции во ФК Вардар

Неочекувано и сосема спротивно од најавите, ниту една понуда не стаса до Град Скопје и до Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор за превземање на пакетот акции во фудбалскиот клуб Вардар.

Само една фирма подигнала документи за учество на јавното електронско наддавање, што воопшто и не се одржа денеска. Понудите се прибираа до вчера на полноќ, но и немаше што да се прибере, бидејќи никој не покажал интерес за превземање на најтрофејниот македонски фудбалски клуб.

Претходно како сигурна варијанта се најавуваше доаѓањето во ФК Вардар на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, кој ги финансира двата ракометни клуба со „црвено-црни“ обележја, РК и ЖРК Вардар. Се спомнуваа и богати понуди од Гаспром во тандем со Самсоненко, но се случи неочекуван пресврт и ниту реномираната фирма, ниту Самсоненко не доставиле понуди.

Град Скопје како основач на ФК Вардар има 51 посто од акциите, а АДСДП или поранешен ПУИГ поседува 49 проценти од акциите. Кај нив е подигната докумантација за учество на јавниот повик за купување на акциите, но и таму немало ниту една понуда.

За 2014 година, Собраниетот на Град Скопје му додели на Вардар 500 илјади евра од својот буџет. Од клубот информираат дека во прашање се технички проблеми со документацијата и дека сепак Самсоненко ќе го превземе Вардар во наредните денови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top