Друштвото за издавачка дејност „МАКЕДОНИКА“ од Скопје, неодамна ја објави естетичката студија „Музиката и неискажливото“ на францускиот естетичар и музиколог Владимир Јанкелевич, во превод од француски јазик на Марија Паунова.
Владимир Јанкелевич (1903-1986) е француски естетичар, филозоф, музиколог, пијанист, страстен обожувач на Лист и Дебиси. Бил професор на повеќе француски универзитети, а најдолго на Сорбона, каде што бил и шеф на катедрата за морална филозофија. Автор е на голем број дела од филозофијата и музиката и поврзани со Бергсон, Форе, Дебиси, Лист, Равел, Римски-Корсаков, Чајковски… Иако се теориски, неколку негови дела се објавувани во повеќе изданија, односно се многу читани и преведувани. На Јанкелевич му се припишуваат голем број естетички и антиестетички разјаснувања на заблуди за музиката.
За естетскиот проблем, за којшто расправа во оваа книга, меѓу другото, Јанкелевич пишува:
„Што е музиката? Се прашува Габриел Форе во потрага на ’непреведливото‘, од премногу нереалната химера која нè издига ’над сè што е таа…‘ Тоа е времето кога ја планираше и ја најави својата прва изведба на неговиот прв Квинтет, и не знае што е музиката, ни тоа дали таа е нешто! Во музиката има една двојна компликација, генератор, придвижувач на проблемите на метафизиката и моралните проблеми за да може подобро да се справи со нашата нерешителност. Затоа што музиката во исто време е и изразна и неизразна, сериозна и лекомислена, длабока и површна; таа има смисла и во исто време нема своја смисла. Дали музиката е забава без значење? Или пак е еден шифриран јазик како што се мистериозните хиероглифи? Или може да се каже дека е двете заедно? Но, таа суштинска двосмисленост, исто така, има свој збунувачки контраст, една иронична и скандалозна диспропорција помеѓу магичната моќ на музиката и неочигледната цврста основа на музичката убавина.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


