Чаир ќе биде првата скопска општина која ќе го почне процесот на гасификација. Според најавите, вкупната инвестиција за реализација на дистрибутивниот систем и за намалување на делот кој треба да го инвестираат корисниците е 4.841.545 евра.
Од тоа, околу 860.000 евра се предвидува да се вложат во примарната дистрибутивна мрежа, а 1,6 милиони евра во секундарната. Со останатиот дел од околу 2,3 милиони евра, ќе се градат приклучоци и ќе се адаптира постоечката опрема, објави Плусинфо.
Од општина Чаир велат дека веќе е изработена физибилити студија за проектот, а во текот на годинава се очекува да заврши и тендерската постапка за избор на концесионер што ќе ја гради дистрибутивната мрежа. Кон крајот на следната година се очекува старт на гасификацијата на јавните објекти, со целосно заокружување во 2016 година. Во зависност од интересот на граѓаните, гасификацијата до домовите би требало да почне од 2016 година и да заврши до 2020 година.
Според физибилити студијата студијата изработена од фирмата „Топлификација инженеринг“, гасиификацијата ќе се спроведува според модел на јавно приватно партнерство.
– Концесионерот ги презема на себе сите делови за реализација на проектот – проектирање, финансирање, изградба, оперирање, одржување и развој на дистрибутивниот систем за природен гас. Давателот на концесијата за себе го задржува правото на контрола над реализацијата на концесиониот договор и правото на годишна надокнада за доделената концесија. Дефинитивната одлука за моделот на ЈПП и спроведувањето на целокупната постапка за доделување на концесијата за тоа е на давателот на концесијата. Освен позитивните финансиски ефекти, проектот има сериозен придонес во зголемувањето на ефикасното користење на енергијата. При супституцијата на електричната енергија, нафтените деривати и топлинската енергија од топлификационите системи значително се намалува потрошувачката на примарна енергија за единица испорачана корисна енергија – велат од локалната власт.
Како дополнителна корист од гасификацијата, од општина Чаир го посочуваат и фактот што со гасификацијата значително ќе се намали испуштањето на на штетни материи во атмосферата, аА, со достапноста на природниот гас до одредени индустриски дејности значително ќе се подобрат технолошките перформанси на процесите преку кои се добиваат финалните производи во тие индустрии.
Бенефитот од искористувањето на природниот гас за греење и за други потреби во домаќинствата и јавните објекти е од исклучително значење, пред сè, бидејќи е поевтин од струјата, како и од другите извори на енергија.
Досега, гасификација е спроведена во неколку средни училишта, а за годинава градската власт најави проширување на проектот во уште две средни училишта. Исто така, на гас се греат и неколку основни училишта во општина Карпош, како и целиот Клиничкиот центар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.