| четврток, 6 декември 2018 |

САД го затвораат радио Слободна Европа на македонски јазик

radio slobodna evropa

Американскиот Конгрес вчера го договори големиот таканаречен омнибус закон вреден трилион долари, со кој во текот на следната фискална година ќе се финансира работата на сојузната Влада. Буџетот не содржи поголеми изненадувања, и е дел од договорот на Демократската и Републиканската партија да се одбегне нова блокада на централната Влада на САД

– Имаме договор, изјави сенаторката Барбара Микулски, по вчерашната средба со раководството на Претставничкиот дом. Предвидено е утре законот да се гласа во Претставничкиот дом, а до крајот на неделата да биде усвоен и од Сенатот и да стапи на сила.
Со буџетот е предвидено укинување на програмата на Радио Слободна Европа на македонски јазик, кое се финансира од делот на буџетот на големата институција ББГ која го финансира и Гласот на Америка. Покрај македонската програма, предвидено е укинување и на другите преостанати програми на Радио Слободна Европа на Балканот, додека програмите на Гласот на Америка остануваат активни, со исклучок на грчката програма и радио програмата на Гласот на Америка на албански. Во образложението на овој предлог, ББГ ги наведува подобрените политички услови во регионот.
– Условите во земјите на Балканот се различни. Македонија и Црна Гора уживаат релативно стабилни политички услови и се кандидати за членство на НАТО и на Европската Унија. Косово аплицираше, но се уште не е примено во Обединетите нации. Во Босна, постои загриженост од одржливоста на повоениот договор, и корупцијата останува распространета. Србија, најголемата од целните држави на ББГ, тргна по патот на демократизација по падот на Слободан Милошевиќ. Во услови на ограничени ресурси и голема потреба од ангажман во други делови на светот, неопходно е да го елиминираме балканскиот сервис на Радио Слободна Европа, пишува во образложението на буџетот на ББГ.
Анастасија Колобродова од ББГ, за МИА изјави дека предлог буџетот, во кој е предвидено укинувањето на балканската програма на Радио Слободна Европа, се очекува да биде усвоен од Конгресот како што е предложен.
Од македонската програма на Радио Слободна Европа немаа коментар за најавеното укинување на финансиските средства за нивната програма.
Радио Слободна Европа е формирано во 1949 година од страна на тогашното раководство на американската армија и ЦИА, како медиумска организација која ќе работи за поткопување на комунистичките режими во окупираните земји на источна Европа. По падот на комунизмот, а со почетокот на војната во поранешна Југославија, Радиото станува поактивно на просторот на Балканот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top