Со концертот на театарска музика на македонскиот композитор Горан Трајковски во саботата вечерта беше заокружено годинашното 56-то издание на најголемата и најреномирана музичко-сценска манифестација во земјата Охридско лето.
Сцените на црквата „Света Софија“, нејзиното предворје, на Античкиот театар, Долни Сарај, како и Центарот за култура „Григор Прличев“ беа местата каде изминатите 40 фестивалски денови публиката имаше можност да проследи неколку десетици музички настани, девет театарски претстави, пет изложби, осум филмови. Низ сцените во Охрид се претставија повеќе од 800 уметници, изведувачи и автори од 18 земји од целиот свет, некои од нив уметници од светска класа, од самиот крем на класичната уметност во моментво.
Директорот на манифестацијата Охридско лето, Оливер Арсовски изрази задоволство од реализацијата на годинешната фестивалска програма, од изборот на содржините кои ги оцени како „достојни на квалитетот и реномето на фестивалот“.
„Мислам дека ова беше успешно издание на Охридско лето, нашите информации говорат дека и публиката беше задоволна од понуденото“, рече Арсовски.
Селекторката на музичката програма, Гордана Јосифова – Неделковска, пак., оцени и годинашното фестивалско издание успешно ги исполнило зацртаните рамки, следејќи го угледот на манифестацијата и понудувајќи квалитетна и атрактивна програма со врвни светски уметници.
„Според мислењето на стручната критика, но и домашната и странската фестивалска публика, реализиравме уште едно успешно, квалитетно, богато и атрактивно фестивалско издание, достојно за почит. Врвните музички изведби на познатите светски уметници публиката ги наградуваше со долги аплаузи и стоечки овации, а задоволните уметници секогаш возвраќаа со неколку биса. Задоволството е наше што сите уметници беа едногласни во својот исказ за добрата организација, убавиот престој во Охрид, топлата и едуцирана публика, како и прекрасната акустика на нашите сцени“, заклучи Јосифова – Неделковска.
За концертите на оперската дива Елина Гаранча, виолинистите Максим Венгеров, Вадим Репин, Роман Симовиќ, врвните пијанисти Фазил Сеј, Ана Веницкаја, Питер Лаур, Андреј Коробеиников, големиот џез-музичар Артуро Сандовал и дел од најдобрите македонски уметници, Јосифова-Неделковска рече дека се само доказ дека со право изминатото фестивалско издание беше насловено „Со музичките легенди“.
Притоа ја истакна и придружната манифестација Летна академија, преку која беа одржани мастер-часови на уметниците кои беа дел од Охридско лето со младите музичари од Македонија и од регионот, на кои младите уметници имаа несекојдневна можност да стекнат нови знаења, нови искуства, да учат од најголемите.
„Можеби најважно е што сите светски уметници кои беа дел од Охридско лето, имајќи концерти ширум светот, го пренесуваа убавиот глас за фестивалот, како промотори на Македонија и, како што самите велат, во светот на уметноста Македонија е препознатлива преку фестивалот Охридско лето“, истакна Јосифова – Неделковска.
Селекторот на драмската програма, Ѓорѓи Јолевски, забележа дека секоја завршна прес-конференција носи „подвоени чувства“, тага од една страна што завршуваат тие 40 дена возбуда, а од друга страна задоволството што го носи привилегираната можност да се биде дел од екипата што го креира Охридско лето.
„Мене навистина ми претставува чест што работев на ова издание на Охридско лето. Очекувам дека ќе продолжи веќе востановената практика сите продукции што учествувале на фестивалот да испраќаат писма до нас во кои тие отворено го изразуваат нивното огромно задоволство што имале можност да бидат дел од фестивалот, од прекрасниот дочек, преку нивните настапи, се до заминувањето од Охрид“, рече Јолевски.
Поголемиот дел од драмската програма на ова фестивалско издание мина во знакот на Шекспир, славејќи го големиот автор и слободата преку неговото име, преку репертоар на повеќе поставки на дела на славниот уметник и на тој начин одбележувајќи ја 400-годишнината од неговото заминување од овој свет. Тука беа претставите „Комедија на грешки“ на Турскиот театар, „Сонетите“ во изведба на Народниот театар од Битола и „Магбет“ во продукција на Албанскиот театар од Скопје. „Сфумато“ театарот од Софија го донесе Гогољ, „Арт оркестра“ претставен од Националниот театар од Романија, извонредната поставка на „Спобудалената локомотива“ на Виткиевич во продукција на Словенско народно гледалишче.
„Премиерата на Охридско лето, ’Бар Ремарк’ на режисерот Александар Баргман од Русија кој го постави Ремарк според ’Тројца другари’ во продукција на Битолски театар ја промени Света Софија во филмски сет каде се имаше чувство дека битолските актери уживаат играјќи ги ликовите на Ремарк, изгубени во виорот на војната и поствоениот период на почетокот на дваесеттиот век каде љубовта е единствената надеж за човекот и човештвото. Баргман за кратко со својата естетика не пренесе во МХАТ каде големите руски дејци како Станиславски, Чехов, Мејерхољд ни ги дадоа насоките на совремието“, потсети Јолевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Словенечкиот уметник со светско реноме Дарко Брлек доаѓа на 59-тото „Охридско лето“
-
„Охридско лето“: Поради спецификата на претставата што се играше пред самата сцена на Антички, видното поле од гледалиштето беше намалено, и тоа го најавивме
-
Слаба посетеност на затворањето на „Охридско лето“
-
„Илијада“ во копродукција на СНГ, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија вечерва го затвора „Охридско лето“