
Скопската општина Чаир ќе се гасифицира, а инвестиција ќе чини пет милиони евра. Ова денеска го објавија министрите за економија и за животна средина и просторно планирање Ваљон Сарачини и Абдулаќим Адеми и градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити. Тие денеска ги објавија резултатите од физибилити студијата на општината.
– Согласно студијата, проценетата вредност на инвестицијата е речиси 5 милиони евра, од кои 860 илјади евра е предвидено да се инвестира во примарната дистрибутивна мрежа, а 1,6 милиони евра во секундарната дистрибутивна мрежа. Преостанатиот дел од инвестицијата во износ од 2,3 милиони евра е инвестиција за изградба на приклучоци и адаптација на постоечката опрема – рече Сарачини.
Обезбедувањето на вкупната инвестиција, како што рече, е обврска на приватниот партнер и согласно Студијата е предвидено да се реализира преку кредитни средства во износ од 70 отсто од инвестицијата и 30 отсто преку сопствено учество на приватниот партнер. Сарачини потенцираше дека во јуни годинава Владата ќе почне процедура за изнаоѓање концесионер за општината.
Предвидено е гасоводната мрежа да се изгради во две фази. Во првата фаза би се изградил магистралниот вод, заедно со секундарните водови, приклучните водови, како и приклучоци за сите приоритетни објекти (школство, здравство, административни објекти, поголеми трговски и спортски објекти…) Во втората фаза, развојот на гасоводот би зависел од желбите и можностите на корисниците, претежно од приватниот сектор-домаќинствата.
– Најзначајната придобивка е намалување на емисијата на штетни материи и со тоа поголема заштита на животна средина. Со воведувањето на природниот гас ќе се супституираат досега користените енергенси кои емитираат поголемо количество на штетни материи како мазутот, екстра-лесното масло и огревното дрво во процесот за греење, рече Адеми и апелираше и другите општини да го следат овој пример.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


