„Окта“ веќе подолго од една година не произведува, туку само набавува и продава нафтени деривати. До понеделник, пак, 186 вработени во рафинеријата, кои се на списокот кандидати за доброволно заминување од компанијата со исплата на отпремнина, треба да се изјаснат дали се согласуваат со понудените услови, oбјави „Дневник“.
Од некогашните околу 1.000 работници, сега на платниот список се 629. Уште пред една и пол година газдата на „Окта“, грчки „Хеленик петролеум“, објави дека продава акции во своите компании. Иако се претпоставуваше дека и „Окта“ ќе добие нов газда, тогаш тоа не се случи. Дали се чуваше за некое посериозно пазарење со оглед на тоа што „Хеленик петролеум“ има договор со кој си обезбеди монополска позиција до 2019 година?
– Евентуалниот купувач на „ОКТА“ ќе ги добие и сите права врз основа на договорот што веќе го има со македонската влада. Такво е правото во техниката на купување. Договорот е склучен во 1999 година, а има одредени позиции што важат оттогаш, па во наредните 20 години – објаснува Тони Десковски, универзитетски професор по меѓународно приватно право.
Менаџментот на рафинеријата во врска со сопреното производство, во јавноста излезе со став дека тоа не е исплатливо, односно дека при работа се создаваат загуби од 70 до 75 долари за секој преработен тон сурова нафта. Интересно е што уште во 2008 година Стевчо Јакимовски во интервју за „Глобус“ предвиде дека за една и пол година, откако ќе ослаби монополската позиција, рафинеријата ќе престане да работи.
Според она што досега е откриено во договорите, монополската позиција на „ОКТА“ е во тоа што таа има право да увезува сурова нафта со еден процент царина, двапати месечно да ја коригира цената на нафтените деривати, во зависност од цената на суровата нафта на светските пазари, но ако има загуби, постои посебна одредба со која преку цената ги покрива тие загуби, а владата има обврска секоја година да купува 500.000 тони мазут, и тоа за потребите на ТЕЦ Неготино, која не работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.