Оваа година македонскиот идентитет и македонската култура добија признание преку штипскиот обред „Четрсе“, кој влезе на листата на светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Тоа беше сосема доволно за „Република“ да го вброи во петте важни настани и личности што гордо и достоинствено нѐ претставуваат во светот. Во изборот на „Република“ се уште и научниците Горазд Росоклија и Анета Стефановска, ракометарот Кирил Лазаров и актерката Сабина Ајрула-Тозија. Тие со својата работа ја промовираат Македонија во светски рамки и тоа што го постигнуваат има меѓународна димензија.
Со „Четрсе“ УНЕСКО го призна македонскиот идентитет
Македонскиот идентитет и македонската култура добија признание и влегоа во Обединетите нации преку штипскиот обред „Четрсе“, кој пред три недели стана дел од репрезентативната листа на светско нематеријално културно наследство на УНЕСKО. Со тоа УНЕСKО, која е ќерка-институција на Обединетите нации, ги признава македонскиот идентитет и македонската култура.
„Четрсе“ е празнувања на Светите четириесет маченици во Штип. Со таа одлука „Четрсе“ се придружи кон останатите нематеријални добра што се наоѓаат на репрезентативната листа на заштитени добра на човештвото на УНЕСКО.
За нашата земја таа одлука во областа на културното наследство претставува историски настан бидејќи е прво македонско нематеријално добро впишано на репрезентативната листа на УНЕСКО, а со тоа стана дел и од светското нематеријално културно наследство со непроценлива универзална вредност.
Се работи за уникатен и вековен обичај во Штип, кој се практикува на верскиот празник Св. 40 маченици, на 22 март, кога луѓе од сите генерации го искачуваат стрмниот Исар, попат се поздравуваат со најмалку 40 луѓе. Младите собираат и 40 камчиња, 39 фрлаат во Брегалница, а едно оставаат под перница зашто, според верувањето, ќе го сонат животниот сопатник.
Нематеријалното културно наследство е нешто што е невидливо, но е најстаро, најзачувано, најдлабоко бидејќи станува збор за елементи што потекнуваат од зората на цивилизацијата, од оние правремиња кога човекот почнува да го гради својот идентитет. Кога ќе се впише едно вакво нематеријално добро, тоа значи дека УНЕСKО и светот оддаваат признание на културниот идентитет.
Професорката Стефановска го разбранува светот со „тестот на смртта“
Професорите Анета Стефановска и Петер Меклинток преку ноќ добија планетарна популарност откако беше објавена веста за револуционерниот пронајдок со кој може да се предвиди животниот век на човекот. За нивниот пронајдок се пишуваше во повеќе од 50 реномирани светски списанија во Европа, САД, Кина и во Австралија.Професорката Стефановска, која потекнува од Крива Паланка, преку неделникот „Република“ го претстави новиот пронајдок и на јавноста во Македонија.
– Јас не работев само на овој проект. Беше потребно да се расчистат многу работи, да се добијат многу нови сознанија и да се воведат нови методи на анализа, па и да формулираме нова физика на живи системи за да можеме да дојдеме до формулација на она што го патентиравме како ендотелиометар. Истражувањата се од еволутивен карактер и течат веќе дваесетина години. За тоа време беа вклучени околу 20 докторски студенти и околу 10 постдокторски истражувачи во Љубљана, а потоа и во Ланкастер. Соработувам и со многу групи во светот – и тоа од различни струки: физичари, инженери, математичари, компјутерски научници и, пред сѐ, стручњаци од различни гранки на медицината и физиологијата – вели професорката Стефановска.
Таа за читателите на „Република“ го објасни својот пронајдок.
– Тоа е систем за мерење и како таков не може да го продолжи животот, но може да нѐ натера да сме повнимателни во однос на тоа што јадеме и колку се движиме. Може да ни укаже дека ендотелната реактивност се намалува и да нѐ алармира пред да се појават сериозни проблеми, на пример срцев или мозочен удар. Ендотелната реактивност е битна за речиси сите функции во нашето тело. Ако може да се мери неинвазивно, тогаш можеме да измериме колку сме здрави како организам. А, мерењето е лесно – трае до пет минути и може да се повторува секојдневно. Во меморијата може да се стави база на податоци, така што новите вредности секогаш може да се споредуваат со тие од базата. Односно, податоците од денес да се споредат со тие од вчера. Така може да се евалуираат влијанија на лекови или, можеби, ако некој одлучил да смени животен стил, може да следи како му се менува генералното здравје. Може да провериме дали старееме пребргу. А, врз работата на ендотелиумот влијае тоа како се оксигенирани ткивата, па така можеме да забележиме дали дошло до хипоксија (недостиг од кислород) на ткивата, која е основа на многу заболувања, на пример деменција – изјави Стефановска во интервјуто.
Капитенот на македонската машка ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, во последните десетина години е во сите избори за најдобар спортист во Македонија, најдобар Македонец во странство и со право е така. Тој сѐ уште е единствен спортист во светот на кого му успеа да ги спои титулите и да биде најдобар стрелец на едно Светско и на едно Европско првенство – СП 2009 и ЕП 2011. Леворакиот бомбардер, кој има топ во раката, двапати беше најдобар стрелец во Лигата на шампионите. Го освои пехарот на ИХФ Суперглоуб и летово ја смени средината – го оствари сонот и потпиша договор за шпанскиот клуб Барселона. Со овој клуб е на најдобар пат да го освои единствениот трофеј што му недостасува во кариерата – тој од ЛШ. Ја имаше таа чест да биде избран и во идеалниот тим на светот, кој го состави францускиот спортски весник „Лекип“. Рецептот за успех на Лазаров е максимална посветеност, добар и квалитетен тренинг, здрава исхрана, ментална и психолошка подготвеност, колегијален дух и верба во тоа што го работиш. Летово успеа да ја издаде книгата „Седум“ (тоа е бројот на дресот кој го носи Лазаров), во која сакаше да ги опише сите важни моменти од својата богата спортска кариера, прва од ваков вид кај нас. Со сегашниот клуб Барселона веќе го освои шпанскиот Куп, а ја доби и наградата за ракометар со најмногу одиграни натпревари во минатата сезона.
Лазаров и ракометарите во јануари имаат тешка задача да го одбранат петтото место од последното континентално првенство. Овој шампионат е во Данска, почнува на 12 јануари, а уште непочнати ги следи малер – се повредија Наумче Мојсовски и Филип Лазаров. Задачата ќе биде тешка, но не и невозможна. Капитенот секогаш ги чува в рака како џокер зборовите кои знаат да ја кренат целата национална селекција.
Горазд Росоклија – врвен научник со светски глас
Академик професор д-р Горазд Росоклија е светски признаен научник во областа на истражувањето на невропатологијата и невроимунологијата, кој од 1998 година е професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Колумбија“, Њујорк, САД. Овој врвен научник за своја морална обврска и должност кон матичната земја ја смета несебичната помош во доменот на својата стручност. Меѓу многуте проекти, тој успеа да обезбеди донација од Националниот институт за здравје на САД и од фондацијата „Фогарти“ за да создаде врвен научен центар во земјата за унапредување на истражувањата на невролошките и психијатриските болести, центар што, како што вели Росоклија, ќе биде подобар од најдобрите во светот.
Како вљубеник во невропсихијатријата, д-р Росоклија има завршено три специјализации, и тоа по неврологија, невропатологија и психијатрија на Медицинскиот факултет во Скопје. Своите невроимунолошки истражувања, како и истражувањата од областа на психијатријата и невропатологијата, ги продолжува на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк, каде што работи со светски познати стручњаци. Од 1998 до 2005 година тој е доцент по психијатрија, а од 2005 година е номониран за вонреден професор за клиничка психијатрија на Одделот за психијатрија на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк. Д-р Росоклија е автор и коавтор на многубројни трудови базирани врз неговите научни истражувања.
Член е на Македонската асоцијација на невролозите и психијатрите (1980 година), на Европското невролошко друштво (од 1986 година), на Американската академија за неврологија (од 1993 година), на Американската асоцијација на невропатолозите (од 1996 година) и на многу други асоцијации и истражувачки центри. Преку донациите на д-р Росоклија до денес на Универзитетот „Колумбија“ се едуцирани или се во процес на едукација 16 млади научни работници од Република Македонија, кои го сочинуваат јадрото во создавање научен центар за невронаука во Македонија.Во досегашната соработка меѓу Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк и Медицинскиот факултет во Скопје се доделени финансиски средства, опрема, реагенси и слично за Медицинскиот факултет во Скопје во висина од околу 400.000 американски долари.
Во јуни 2007 година д-р Горазд Росоклија е избран за член на Македонската академија на науките и уметностите, надвор од работниот состав.
Сабина Ајрула-Тозија со „Величествениот“ доби светска слава
Македонската актерка Сабина Ајрула-Тозија има многубројни и препознатливи улоги, како во театарот, така и во телевизиските серии и филмови, но најголема популарност достигна со толкувањето на ликот Афифе Хатун од хит-серијата „Величествениот“.
„Величествениот“ е приказна за животот и за владеењето на еден од најголемите турски, но и светски освојувачи во историјата. Серијата е најгледана во дури 40 земји во светот, а во неа Ајрула-Тозија има забележителна улога. Ангажманот во една од најамбициозните телевизиски продукција на Балканот и пошироко Ајрула-Тозија го доживува како врв во својата кариера.
– Досега сум работела многу театарски претстави, серии, филмови, но во продукцијата која стои зад „Величенствениот“ владее највисок професионализам, прецизност и услови за работа што не сум ги сретнала досега. Од сите што се ангажирани се бара огромна дисциплина. Во Турција е престиж да се игра во оваа серија – вели Ајрула-Тозија за својот ангажман во мегапопуларната турска серија.
Подготви: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 70. број на неделникот „Република“, 3.01.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.