Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец денеска ќе биде одбележана шест годишнината од трагичната хеликоптерска несреќа кај катлановско Блаце во која животот го загубија 11 припадници на Армијата на Република Македонија при
нивното враќање од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
По тој повод делегација од Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ и Здружената оперативна команда на АРМ предводена од заменик министерот за одбрана Емил Димитриев, како и членови на семејствата на загинатите ќе положат
цвеќе на спомен обележјето пред командата на воздухопловната бригада во касарната.
Македонските мировници кои се враќаа дома по шестмесечната мисија во АЛТЕА, на 12 јануари 2008 година околу 9 часот и 30 минути полетаа со хеликоптерот „МИ 17“ од базата Бутмир кај Сараево. Требаше да слетаат на воениот дел од скопскиот аеродром, а последниот контакт со контролната кула леталото го направило на шест милји од целта. Во несреќата животот го загубија потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.
Хеликоптерот „МИ 17“ е од руско производство, наменет за транспорт на луѓе и товар, за воздушни десанти и за огнена поддршка. Има тричлен екипаж – двајца пилоти и авиомеханичар. Може да превезува 32 патника или товар до четири тони.
Може да има разновидна техничка опрема и да биде вооружен со ракетни лансери, бомби и митралези. МИ – 17 и неговата постара верзија МИ-8 во повеќе од 50 држави во светот, најчесто се користат за воени, но и за цивилни потреби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.