| четврток, 6 декември 2018 |

Кире Лазаров: Македонскиот дрес едноставно те носи напред

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров, пред почетокот на Европското првенство во Данска вели дека ракометарите веќе имаат искуство со вакви работи и дека ги зафаќа една позитивна трема, за која тој вели дека е добра. Веќе се подготвени и го чувствуваат притисокот што ги очекува.

Оваа генерација ракометари подолго време играат заедно, добро се познаваат и меѓу нив владее одлична атмосфера.

Иако сме хендикепирани со неиграњето на Наумче Мојсоски и на Филип Лазаров, капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров, верува дека овој состав може да забележи значителен успех.

– Кај нас постои голема желба и голема страст за натпреварување со големи противници, уште еднаш ќе споменам дека клупскиот ракомет и репрезентативниот не се исти. Играјќи за репрезентативниот дрес, едноставно, тој те носи напред, без разлика дали пред себе имаш противници или репрезентации со поголема традиција. Нашиот недостиг од квалитет, ако можам така да кажам, треба да го надоместиме со патриотизам, со голема страст и желба и само да размислуваме за убави работи – изјави Лазаров.

Лазаров, исто така, додаде дека мерејќи се според квалитет, слободно можеме да се носиме со селекциите од нашата група бидејќи имаме голем фонд искусни играчи.

– Што се однесува до Данска, ние секогаш сме излегувале како губитници, меѓутоа Данска никогаш не нѐ победила лесно. Треба да го искористиме тој момент, тие ќе играат пред 15 илјади луѓе, ќе сакаат како поединци да се истакнат, ќе ја темпираат формата за вториот дел. Ние ќе се обидеме да одиграме смирено, тактички добро, дисциплинирано, доколку ни се укаже шанса во текот на натпреварот мислам дека сме доволно зрели да ја искористиме. Да не ветуваме премногу, да пробаме да го дадеме максимумот, да пробаме да го направиме овој народ среќен, тоа е наша обврска – вели Лазаров.

Целото видео погледнете го на Република ТВ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top