| четврток, 6 декември 2018 |

Нема укинување на визната либерализација за Македонија

Можното укинување на визната либерализација за граѓаните на Република Македонија и другите земји од Западен Балкан што уживаат во безвизното патување кон земјите-членки на Европската унија, нема да се случи така лесно и во случај една или неколку ЕУ-земји да поднесат барање за активирање на механизмот „заштитна клаузула“.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, по изгласувањето на овој механизам од страна на Европскиот парламент и одобрувањето од Европскиот совет минатата година, „заштитната клаузула“ од утре и официјално стапува на сила. Со нејзиното активирање, Македонија земја и останатите од регионот може повторно да добијат визи за период од шест месеци до една година, ако се утврди дека голем број лажни баратели на азил од овие земји пристигнале во некоја од членките на Унијата.

Но, според експертите од официјален Брисел, целиот тој процес би бил тежок за покренување и негово целосно стапување на сила ако се знае дека не само Европската комисија, туку и Советот на ЕУ и Европарламентот би требало да дадат одобрување за една земја да ја загуби визната либерализација што може да биде долг и неостварлив процес.

Според Микеле Черконе, портпарол на еврокомесарката за внатрешни рбаоти Сесилија Малстром, досега нема нови жалби од некои од земјите-членки на ЕУ во однос на лажни баратели на азил од некоја од земјите од Западен Балкан.

Во изјава за МИА, Черконе потсети на иницијативите покренати пред Советот.

– Ако се вратите на последниот Совет, ќе видите дека ова прашање беше покренато неколку пати и има голем број на земји-членки кои велат дека перманентно во последните неколку години има проблеми кои треба да се решат. Нема нешто ново и нов развој последниов месец. Состојбата е активна и грижите на некои од земјите-членки продолжуваат во однос на трендот кој не паѓа. Ова е нешто што Европската комисија го истражува систематски со нашиот сеопфатен мониторинг систем за оценување што беше креиран специјално за да се верификува ситуацијата за тоа какви се моментните трендови. Тоа е случајот каде сме сега и нема нов развој во последните неколку недели, истакна Черконе во изјава за МИА.

Она што е важно е дека Белгија, како една од петте земји што побара создавање на механизмот со кој би можела да се укине визната либерализација, неодамна објави дека за првпат по повеќе години, целокупниот број на баратели на азил се намалил. Сепак, експертите во Комисијата предупредуваат на исксутвото, а тоа е дека најголем број од лажните азиланти доаѓаат во ЕУ-земјите во зимскиот период, користејќи ја можноста дека за не/одобрување на барањето на азил се потребни два до четири месеци, па за тој период да ја минат зимата во добри и топли услови што ќе им ги понуди некоја од земјите на Унијата.

Инаку, според експертите на ЕК, со оглед на тоа што уште при аплицирањето за визна либерализација, земјите како Македонија, Србија и останатите што имаат безвизен режим биле оценети позитивно за политичката, безбедносната, економската ситуација, тие од поголемиот број на змеји-членки на ЕУ се ставени на листата на безбедни земји, па затоа никој од барателите на азил од регионот на Западен Балкан не добива азил во Европската унија. Тоа единствено било случај со некои претставници на семејства од Албанија кои биле мета на крвна одмазда.

Експертите на Еврокомисијата за МИА појаснуваат дека чинот на спроведување на механизмот „заштитна клаузула“ е толку тежок што не би можело така лесно некоја од ЕУ-земјите да покрене иницијатива, а потоа Комисијата да воведе визи за граѓаните на посочената земја. Најпрво некоја од земјите-членки (при што може да биде само една, но и повеќе), треба да поднесе барање до Европската комисија за активирање на „чинот на спроведување“ во однос на заштитната клаузула. Притоа, во поднесокот, земјата треба да поднесе доказ дека во период од шест месеци, лажни баратели на азил од некоја од земјите кои уживаат во безвизниот режим ги преплавиле со барања. Потоа, Комисијата прави своја проценка и ако утврди дека има енормно зголемување на бројот на лажни баратели на азил, тогаш поднесува барање до т.н. КОРЕПЕР-група на Советот на ЕУ (амбасадорите на 28-те земји-членки), кои потоа треба да гласаат за истото со квалификувано мнозинство. Ако и тоа се случи, тогаш целиот случај оди на Европски парламент, како еден вид на трет колегислатор, кој исто така треба да даде согласност за на крај Комисијата да ја активира „заштитната клаузула“, односно укинување на визната либерализација за период од шест месеци до една година.

Она што од официјален Брисел го потврдуваат е дека најголем проблем со лажни баратели на азил од Западен Балкан се однесува на припадниците на ромското население, па затоа препорачуваат земјите да ги овозможат сите услови за Ромите да не мора да се обидуваат да ги преминат границите на ЕУ, а притоа граничната контрола да ги враќа поради нивниот етнос, што е пак кршење на основното човеково право на движење. Сепак, кога станува збор за Македонија, официјалните бројки на Европската комисија, но и на Европската канцеларија за статистика (Евростат), потврдуваат дека земјата успешно се справила со лажнтие баратели на азил и во последнава година отпаднала од листата на земји кои „извезуваат“ азиланти во ЕУ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top