| четврток, 6 декември 2018 |

Приштина не сака заеднички дипломатски претставништва со Белград

enver hodza

Министерот за надворешни работи на Косово Енвер Хоџај  се спротивстави на предлогот на властите во Белград земјите од регионот, а особено оние од поранешна Југославија да имаат заеднички дипломатски мисии во странство.

– Не знам како тоа земјите од регионот ќе ја претставуваат својата надворешна политика во странство на овој начин, затоа што тоа е дел од суверенитетот на секоја земја. Немам идеја како такво нешто може да функционира. Скандинавските држави, каде постои ваква пракса се радикално различни од земјите на поранешна Југославија кои минаа низ огромни човечки трагедии во последните две децении. Србија продолжува да се меша во овие држави. Поради оваа причина, регионалната соработка во оваа фаза е далеку од тоа да биде одлична -изјави Хоџај за албанскиот портал „Алмакос“.

Тој додава дека надворешната политика на Косово е независна и Косово ги  почитува договорите меѓу другите независни држави.

Минатата недела српскиот министер за надворешни работи Иван Мркиќ соопшти дека на Република Македонија и било предложено да се отворат заеднички амбасади во странство.

– Во врска со ова прашање веќе се водат разговори со властите во Скопје, Подгорица, Сараево и Љубљана за заеднички дипломатски мисии во Азија, Латинска Америка и Африка. До крајот на годината да биде постигнат договор за ова прашање. Најблиску до договор сме со Македонците и Црногорците –  ја пренесува изјавата на Мркиќ весникот „Новости“.

Според него, тоа од една страна ќе ги намали трошоците, но од друга ќе го зголеми присуството на земјите од регионот во многу делови на светот.

– Ова ќе овозможи заедно полесно да влеземе на трети пазари, вели уште Мркиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top