Само во главниот град вечерта пред Бадник ќе има стотици организирани и спонтани собирања на таканаречените Коледарски огнови.
Низ цела Македонија ќе има уште три пати по толку изгорени дрва за огрев.
Огновите ќе проголтаат илјадници кубици дрва кои ќе испратат многу похумана и посилна религиозна порака доколку наместо да бидат запалени се подарат на сиромашките семејства кои мака мачат да се згреат во студениот Јануари.

Што е поентата на запалените огнови до небо кои што горат со часови , ја уништуваат тревата под нив и ја загадуваат околината и тоа во денови кога сите се жалиме дека некој друг ни е виновен за загадениот воздух во земјава?
Тие што мислат дека огновите се неизоставен дел од Бадник треба да знаат дека симболизирањето на сонцето и неговата вечна светлина можат да го постигнат и со една дрвена гајба и десетина весници.
За вистинските верници и едно запалено мало бадниково гранче дава светлина со која се постигнува целта.
За пијанењето, печењето колбаси во жарот на огновите и за тепачките под дејство на студена и греана ракија не треба да се трошат зборови.
Срамно и за организаторите и за пијаните.
Не треба да се биде многу умен за да се заклучи дека поголем верник не се станува со повисок и посилен оган, со нарачка на повеќе песни на орото, со пиење повеќе ракија од другарите.
Само за потсетување пред три години во 2011 дури 13 луѓе, православни верници беа повредени во тепачки предизвикани од пијани бадникари кои веројатно на тој начин сакале да дојдат поблиску до Бога.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


