| четврток, 6 декември 2018 |

16 илјади евра украдени во тетовско

Ноќеска од куќата на Х.К. од Мала Речица биле украдени единаесет илјади евра ставени во најлонско ќесе, а од домот на С.Т.(41) од Камењане, пак, биле одземени 300 илјади денари.

Како што информираше Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово, кражбата во Мала Речица била извршена од засега непознати лица во периодот помеѓу 23.30 часот и 2 часот по полноќ. Додека домашните биле во приземјето, сторителите влегле преку прозорец од соба на катот и од простор помеѓу два ормара одзеле најлонско ќесе во кое, според пријавата на
сопственикот, имало околу 11 илјади евра. Полицијата извршила увид и работи на откривање на сторителите и на оваа кражба.

С.Т.(41) од Камењане, пак, бил оштетен за 300 илјади денари откако засега непознати сторители синоќа извршиле тешка кражба во неговата куќа во селото, додека немало никој дома, информираше Јосифовски.

Сторителите провалиле во куќата во периодот помеѓу 19 и 20 часот така што го скршиле стаклото од влезната врата, протнале рака, ја отвориле вратата и целосно ги пребарале просториите во објектот. Од регали и комоди во двете спални соби одзеле поголема количина накит, златни лири, алки и бижутерија, по што незабележани од никого избегале.

– По овластување на јавен обвинител извршен е увид, подигнати се траги за вештачење и се трага по сторителите, рече Јосифовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top