Победа од 33-27 против Црна Гора за добра атмосфера по многуте пехови што и се случија на македонската ракометна репрезентација. Избраниците на Ивица Обрван одиграа солидно, во добар дел од мечот и мошне квалитетно, што резултираше со триумф од 6 разлика против селекција која како и ние ќе игра на Европското првенство во Данска.
Хрватскиот стратег испроба и неколку варијанти на позицијата лев бек каде сме најтенки по повредите на Наумче Мојсоски и на Филип Лазаров, а добро се снајдоа Ангеловски, Стојчевски и Миркуловски. Кирил Лазаров одигра капитенски и со 9 погодоци го изрешета голот на Раде Мијатовиќ кој брани за Металург.
По 3 погодоци постигнаа пикерот Димовски, крилата Манасков и Ојлевски, и бековите Ангеловски и Митков. Кај Црногорците кои ги предводи поранешниот тренер на Вардар, Зоран Кастратовиќ, се истакна Шеваљевиќ со 9 гола.
Утре на турнирот ќе играат Србија и Црна Гора, а в недела Македонија во последниот подготвителен тест натпревар ќе ги одмери силите со европскиот вицешампион Србија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


