Од Центарот за комуникации со јавноста дојде писмена реакција на изјавата од Основниот Суд Скопје 1. Ја пренесуваме во целост реакцијата:
-Класична политичка провокација и извртување на правните аргументи е тврдењето на Основниот Суд Скопје 1 дека Претседавачот на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, не се вратил самоиницијативно во Македонија.
Наместо политички фрази Судот треба да ги прегледа достапните факти и информации со кои беше организирано, па дури и јавно изречените изјави со кои беше најавено предвременото враќање во Македонија.
Дополнително, за намерата на Шиповиќ, сведочат и чекираните авионски карти за неговото враќање во Скопје по негова лична иницијатива.
Мирослав Шиповиќ јасно и недвосмислено изјави дека се враќа во Македонија каде очекува фер судење. Оттука произлегува прашањето како Судот и врз основа на кои правни факти распиша меѓународна потерница и го одолговлекуваше процесот на екстрадиција?
Во својата реакција Основниот суд Скопје 1 соопштува дека се повикува на законот за кривична постапка при кој Шиповиќ и неговите соработници според Кривичниот Совет можат да влијаат на сведоците и да го повторат делото.
Како е можно да го повторат делото кога ниту еден од нив нема раководна функција во фирмата, а делото се случило пред три години? И како е можно да влијаат на истрага која е завршена?
Јасна е намерата, Судот не дава можност да се реализира нудење на имот за Шиповиќ да се брани од слобода.
Со носење на небулозни решенија дека Шиповиќ може да влијае на сведоците кога истрагата е завршена, како и жалбата дека може да биде повторено делото кога некој не се наоѓа на функција за такво нешто Судот се обидува да го спречи реализирањето на јавно соопштеното барање за нудење на имот од страна на раководството на СДСМ за Шиповиќ да се брани од слобода.
Лицемерно е однесувањето на Судот како и обидот да го оправда политичкиот прогон против Шиповиќ со тврдење дека тоа е „нејасно“.
На сите во Македонија им е јасно дека ова е политички прогон за покривање на криминалот поврзана со Скопје 2014 и блокирање на работата на Општина Центар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.