Венус Вилијамс без борба го доби полуфиналето на турнирот на ВТА во Оукленд, Нов Зеланд, и ќе игра за 45. титула во кариерата, против српската тенисерка Ана Ивановиќ.
Џејми Хемптон поради повреда го предаде полуфиналниот дуел со 33-годишната сонародничка од САД, Вилијамс, што ѝ овозможи на Венус да игра за титула на тениските турнири, по пауза од цела година. Последен пат седумкратната гранслем- шампионка освои трофеј во Луксембург преклани.
Ивановиќ во два сета ја надигра Кирстен Флипкенс и ќе атакува на круната во Оукленд, што би била прва по пауза од 24 месеци. Српската тенисерка последен пат се радуваше на трофеј во Бали на турнир одигран во 2011 година. Во меѓусебните дуели Венус води со 8-1.
Интересно е што и помладата сестра на Винус, Серена Вилијамс, има можност годината да ја почне со титула, но во Бризбејн, Австралија. За успешен почеток на сезоната со трофеј, на патот на најдоброрангираната светска тенисерка и стои Марија Шарапова, а ако победи потоа и Викторија Азаренка од Белорусија. Азаренка со 2-1 во сетови ја победи Јелена Јанковиќ и си обезбеди финале. Мечот меѓу Вилијамс и Шарапова ќе се игра денеска од 11,30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.