Еден ден по легализацијата на продажбата на марихуана во американската сојузна држава Колорадо, двегодишно девојче примено во болница со знаци на труење со тетрахидроканабинол, супстанца која ја содржи марихуаната, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Девојчето од градот Лонгмонт на истокот на Колорадо почнало да се однесува чудно додека со мајка ѝ биле во продавница. Вознемирената мајка бргу го однела девојчето во болница, каде било утврдено дека е под дејство на ТХЦ, супстанцата која го предизвикува наркотичното дејство на марихуаната.
Лекарите велат дека девојчето ќе биде пуштено од болница без последици.
Полицијата извршила претрес во домот на семејството и најави дека мајката ќе биде изложена на проверка дали е под дејство на дрога. Пред полицијата, мајката рекла дека пред да одат во продавница, ќеркичката нашла колаче на улица и почнала да го јаде, но мајка ѝ веднаш ѝ кажала да го фрли.
Лонгмонт има една продавница во која може да се купи марихуана, вклучително и колачиња со марихуана, само со медицинска потврда дека дрогата е за лекување на здравствени проблеми.
Во соседниот град Болдер е и една од новите 30 продавници во кои жителите на Колорадо од почетокот на 2014 година можат да купат марихуана и без лекарски рецепт. Овие продавници и вчера се соочуваа со долги редици и голем интерес од луѓе кои доаѓаат и од други делови на САД и за првпат можат да купат марихуана без да бидат гонети од полицијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.