Ракометот е спорт број 1 кај нас во 2013 година со забележителни успеси и на клупски и на репрезентативен план. Три екипи од ист град, Скопје, во иста сезона настапуваат во Лигата на шампионите, подвиг што не го остварила ниту една друга земја, освен Македонија. Металург играше историско четвртфинале во ЛШ, машката репрезентација ја очекува настап на ЕП во Данска, што потврдува дека кај нас ракометот е супериорен.
Многу очекувавме од кошарката, но на Европското првенство во Словенија не успеавме да го повториме успехот од Литванија и да го одбраниме извонредното четврто место. МЗТ Скопје имаше солидно деби во Јадранската лига, а летоска нѐ израдува Перо Антиќ со трансферот во Атланта хоукс, како прв македонски кошаркар што е дел од НБА-лигата. Најслаб сегмент во 2013 година ни беа фудбалот и базичните спортови.
Скопје епицентар на Лигата на шампионите
Ракометот е убаво минато, но и светла перспектива на македонскиот спорт, со успеси кои оставија силен печат и во Европа и, за наша среќа, се редат во континуитет, што гарантира долг престој во врвот и во наредниот период.
Во 2013 година неверојатната авантура ја круниса машкиот тим на Металург со историско четврт-финале во Лигата на шампионите и двомеч против Кјелце за завршниот турнир во Келн. За жал, полскиот претставник беше подобар во двата дуела и замина за Германија на завршниот турнир за титулата.
– Среќен сум што Кјелце се пласираше на завршниот турнир иако Металург беше опасен противник. Македонскиот состав игра подеднакво добро и дома и на гости, што е одлика на големите тимови – изјави Славомир Жмал, полскиот репрезентативец на голот на Кјелце.
За среќа, успехот на тимот од Автокоманда во финишот од сезоната 2012/13 беше иницијална каписла и инспирација за нови подвизи на македонскиот ракомет до крајот на годинава. Патот на Минчо Јорданов, кој вложува огромни средства во Металург, одлучи да го следи рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Тој ги презеде двете екипи на Вардар, и во машка и во женска конкуренција, а во Скопје почнаа да пристигнуваат светски ѕвезди. Андреа Лекиќ, Тимур Дибиров, Јованка Радичевиќ, Алекс Душебаев, Амандин Лејно, Алем Тоскиќ и уште многу познати ракометари и ракометарки станаа дел од „црвено-црното“ семејство на Вардар. Металург продолжи да го надградува соѕвездието со Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Дарко Станиќ, Ренато Вугринец, Дејан Манасков….. што го создава веќе неколку сезони, а во тимот пристигна бомбардерот Павел Атман. Доволен квалитет кај триото македонски претставници за врвни претстави во Лигата на шампионите. Вардар и Металург во група со најтрофејниот ракометен состав на планетата Барселона, со новиот европски тигар Пари Сен Жермен, со незгодниот Динамо Минск и со Тун. Конкуренција за почит, но и шанса за докажување и за промоција во Европа. Скопје и Македонија во вториот дел од годината секој викенд следеа врвен клупски ракомет. Чудата продолжија, па во невиден амбиент Вардар ја сопре нескротливата и моќна Барса и стигна до реми 29-29, а потоа Металург само ја зачини македонската бајка со победа против Пари Сен Жермен од 28-26. И Вардар со реми 24-24 го сопре најскапиот проект во историјата на Лигата на шампионите, тимот на ПСЖ, со буџет од околу 13,5 милиони евра. Големите ракометни идоли од калибарот на Хансен, Карабатиќ, Абало, Рутенка, нашиот Кире Лазаров, гостуваа во Скопје и не успеаја да забележат триумф против двете екипи од Македонија. И челниците на ЕХФ го препознаа македонското ракометно чудо, па дербито меѓу Вардар и Металург од 6. коло во групата Ц беше прогласено за дерби на целата рунда во ЛШ.
Кога и вардарки го урнаа Ларвик на гости, стана јасно дека Македонија има со што да се пофали во Европа, а амбициите пораснаа. Избраничките на Индира Кастратовиќ експресно се промовираа во еден од главните кандидати за шампионската титула во ЛШ.
Како шлаг на тортата стигна и пласманот на македонската машка репрезентација на Европското првенство во Данска.
Со тоа ракометот останува во фокусот и во 2014 година, а одисејата почнува со турнирот во Данска. Македонија е во групата со домаќинот, со Чешка и со Австрија, а потребна е една победа за пласман во следниот круг. Возбудувањата во Лигата на шампионите, каде што и Металург и Вардар треба да стават печат на патот во топ 16 фазата, продолжуваат во февруари.
Фудбалот ни тапка в место, репрезентацијата последна, клубовите ги нема на европската мапа
Фудбалот ни тапка в место, а лошите клупски епизоди во Европа овојпат беа зачинети со последно место и на репрезентацијата на Македонија во квалификациската група за настап на СП во Бразил.
Со исклучок на Хоризонт Турново, единствениот тим од Македонија што мина барем едно квалификациско коло, ефектот на останатите беше прескромен. Вицешампионот ја елиминира литванска Судува, а потоа испадна во двомечот со Хајдук. Вардар имаше преголеми амбиции, а премал арсенал за да ѝ се спротивстави на Стеауа во филтер-фазата за пласман во ЛШ. По двата меча вкупниот резултат беше 5-1 во корист на 24-кратниот романски шампион. Тетекс како освојувач на македонскиот куп го загуби двомечот со Пјуник во Лигата на Европа, а истата судбина ја доживеа Металург во вториот меѓусебен дуел со Карабах од Азербејџан.
Многу порази, слаб ефект, како реален одраз на домашните случувања во најважната споредна работа на светот. Кај нас е само споредна работа, во Прва лига без ред, без силни клубови, со скромна инфраструктура и, што е најлошо, без интерес од публиката.
Таквите односи силно се одразија и врз репрезентацијата. Добро стартувавме во квалификациите за СП во Бразил, но завршивме лошо, на последното место во групата А. Стартот во 2012 година нѐ направи оптимисти, особено настапите во Загреб со Хрватска и во Глазгов со Шкотска. Играта беше многу подобра од бодовното салдо (еден бод), а 2013 година ја почнавме со мартовските порази од Белгија, и дома (0-2) и на гости (0-1). Проблемите почнаа пред дуелот со Србија кога селекторот Чедомир Јаневски поради недисциплина ги отстрани Горан Попов и Стевица Ристиќ од репрезентацијата. Победата против Велс од 2-1 нѐ осоколи, но авантурата заврши неславно со три порази. Шкотска нѐ надигра и победи на арената „Филип Втори“ со 2-1, а тука бродот почна сериозно да тоне. Селекторот Јаневски шокантно ја напушти репрезентацијата и потпиша договор со последнопласираната екипа во Белгија, Монс. Атмосферата беше нарушена, па поразот од Велс во Кардиф (0-1) не беше изненадување. Нѐ докусури Србија во Јагодина, каде што доживеавме тежок дебакл од 1-5. Полошо од поразот на зелениот терен беа очигледните кавги на дел од македонските репрезентативци на теренот за време на мечот, а и во соблекувалната. Почнаа расправиите, што ефектуираа со повлекување на Горан Пандев од репрезентацијата. Единствено добро во неславните квалификации беше промоцијата на екстра-талентираниот Давид Бабунски, играч на Б- составот на Барселона. Тој би требало да биде дел од новите темели на А-селекцијата на Македонија, за следните квалификациски циклуси.
Раководството на ФФМ неодамна го промовираше Бошко Ѓуровски како нов селектор, а на 23 февруари во Ница нѐ очекува извлекување на квалификациските групи за ЕП 2016 во Франција. Ѓуровски најави дека ќе се обиде да ги врати Пандев и Попов во репрезентацијата за новиот циклус.
Перо Антиќ прв Македонец во НБА
Големи беа очекувањата и од македонските кошаркари, но во Словенија летоска на ЕП не успеавме да ја репризираме историската одисеја од Литванија кога игравме за бронзен медал против Русија, а на крајот завршивме како четвртопласирани. Со истиот состав, но без потребната свежина, Антиќ, Мекејлеб, Илиевски, Гечевски и останатите херои од Литванија немаа сили за нов подвиг. Не ја минавме првата фаза, а скромните игри резултираа со повлекување на селекторот Алеш Пипан и со најави на ветераните за повлекување од репрезентацијата. Можно е во идниот период да останеме без Илиевски, Мекејлеб, Антиќ, а сигурно повеќе за Македонија нема да игра Гечевски. По завршувањето на ЕП, како бомба одекна трансферот на Перо Антиќ во НБА. Неочекувано, но мошне слатко остварување на двојниот европски првак со Олимпијакос. И, секако, апсолутно заслужено за Антиќ, кој потпиша двегодишен договор со Хоукс, за вкупна сума од 2,45 милиона долари. Конечно, и Македонија има свој кошаркар во најсилната кошаркарска лига на планетата. Антиќ во друштво со кремот, во дуели со Леброн Џејмс, Коби Брајант, Тим Данкан, Двајт Хауард и уште десетици кошаркарски мегаѕвезди од највисок ков.
На клупски план МЗТ Скопје ја освои втората титула во домашното првенство, а претходно како дебитант во Јадранската лига забележи солиден пласман на седмата позиција со 14 победи и 12 порази. И во вториот циклус во АБА-лигата што „металците“ го почнаа во 2013 година, пласманот на истата позиција по 13 кола не е лош, но моментно билансот е негативен со 6 победи и 7 порази.
Тимот од скопската населба Аеродром имаше можност да се претстави и во Европа откако пристигна вајлд-картата за настап во Еврокупот. Дебито беше прескромно, а амбициите многу поголеми од можностите, што резултираше со последното место во групата Г со лош ефект од само една победа и 9 порази.
Добри игри во 2013 година прикажаа и Куманово, екипа што играше на завршниот турнир во Балканската лига (БИБЛ), и Кожув со пласман во првото домашно финале во клупската историја. МЗТ Скопје беше подобар ривал во завршната серија за титулата, но гевгеличани прикажаа солидни игри и добро му се спротивставија на фаворитот. Најтрофејниот македонски клуб, Работнички, го мачат финансиски проблеми и изминатата година беше една од поскромните во богатата историја на 14-кратниот македонски шампион.
Во 2014 година во фокусот ќе биде ждрепката во февруари за распоредот на групите за ЕП 2015 во Украина. Македонија посакува хет-трик во настапите на континенталните шампионати, по учеството во Литванија во 2011 година и во Словенија летоска.
Пишува: Зоран Поповски
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Текст објавен во 69. број на неделникот Република, 27.12.2013)
Tweets by @onlinerepublika
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.