Во тоа властите гледаат единствен излез од дефлацијата, која ѝ се заканува на земјата, а тоа е и единствен начин да им помогне на многубројните извозници бидејќи ниската вредност на јенот, значи и евтини производи на „Сони“ и на „Тојота“.
Во овој момент тоа изгледа поважно од грижата за штедење. Се наведуваат и намерите на САД и на Јапонија намерно да ги ослабат своите валути и така да се извлечат од економската криза.
Силната валута е лоша за извоз, па за да ја совладаат економската криза, сè повеќе земји, едноставно, печатат пари – така што станува вистинска војна во менувачниците.
Американските „Фед“, кои ги печатат доларите, измислија нов, елегантен поим место омразениот збор инфлација – квантитативно олабавување. Уште од почетокот на кризата, „Фед“ нудат пари без никакви камати, а воедно и масовно купуваат државни обврзници.
Покрај сите неволји во ЕУ, вредноста на еврото постојано расте. Баш како американските „Фед“ и Европската централна банка држи клучна каматна стапка на историски ниско ниво. Покрај тоа, масовно се купуваат обврзници во државите што се во неволја и се полни пазарот со свежи пари. Земјите на југот на Европската унија не би имале ништо против еврото да загуби на својата вредност, за производите од Грција, Италија или Шпанија да станат поевтини на светскиот пазар.
Сепак, прерано е да се каже кој е во право: земјите што печатат пари или Европската централна банка, која инсистира на стабилност на еврото. Конечно, и новото преплавување со јени што го подготвува Јапонија, може да се претвори во катастрофа.
Јапонскиот државен долг веќе може да се мери со тој на Грција. Тој надмина 230 проценти од БДП и ако Токио и понатаму се обидува со нови долгови да и помогне на економијата, порано или подоцна инвеститорите ќе ја загубат довербата во државните обврзници на Јапонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.