Охриѓани и бројните гости од земјата и странство синоќа во свечен амбиент, со голем огномет и добра забава ја испратија 2013 и ја дочекаа Новата 2014 година.
Неколкуте илјади граѓани на Охрид како и туристи на Градскиот плоштад на невообичаено топло време за овој период од годината се забавуваа со хитовите на Викторија Лоба, Ламбе Алабакоски, Наум Петрески, неговата ќерка Анастасија, потоа Зуица Лазова, „Синтезис“ и трубачкиот оркестар Агушеви.
Весело беше и во угостителските објекти кои беа исполнети речиси до последно место, традиционално со богата трпеза и одлична забава до раните утрински часови. Најбројни и оваа година на охридската ривиера беа гостите од соседните држави, во најголем дел од Србија и Црна Гора, на кои во текот на вчерашниот ден полицијата за добредојде во Охрид
наместо казни им делеше лампиони. Од безбедносен аспект, „најлудата“ ноќ во годината мина во спокојна атмосфера, без
позначајни инциденти.
Според информациите од СВР – Охрид, на територијата на Охрид не се регистрирани поголеми нарушувања на јавниот ред и мир, освен три случаи без некакви посериозни последици. Во првиот случај станува збор за вербална, а потоа и физичка расправија меѓу двајца гости од Србија, и тоа на бродот „Александрија“ закотвен на Градското пристаниште. Вториот пријавен случај е расправија и обид за физички напад меѓу дечко и девојка кај бич- клубот „Кадмо“, како и тепачка на улицата „Јане Сандански“ во која е употребено и ладно оружје, при што е полесно повредено лице од Охрид.
Што се однесува на делот на сообраќајот, примерни и охридските возачи и гостите кои тука допатуваа со своите автомобили, без регистрирана ниту една соообраќајна незгода.
И во Службата за итна мединцинска помош задоволни од тоа како мина новогодишната ноќ, со дваесеттина интервенции од кои половината спроведени на терен. Станува збор за случаи на полесни телесни повреди упатени на Хируршкото одделение на Општата болница во Охрид, случаи на интоксикација со алкохол упатени на Интерно, како и неколку вообичаени
случаи на хронично заболени лица кои имале потреба од медицинска интервенција. Сите случаи се медицински истретирани без некаков сериозен исход.
Според верувањата се очекува оваа 2014 година да биде бериќетна за Охрид зашто првото бебе што се роди во 1:40 часот во Градската болница е женско, второродено дете на 35- годишната Дијана Матеска – Тодороска. Мајката и најмладиот жител на Охрид во текот на денот ќе ги посети градоначалникот, Никола Бакрачески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


