Оваа година на македонската политичка сцена, сега слободно може да се опише како последен дел од холивудските трилогии, кога се очекува се` да си дојде на место, да се открие вистината, но и да се остави простор за евентуално нова трилогија.
Само што македонската реалност го нема Питер Џексон. Режијата е во рацете на многу докажано повешти љубители на масовни сцени. Со таков приод, „Република“ низ годината предвиде повеќето од сценаријата. Но со ред. Тука ќе бидат издвоени неколку случувања кои оставија најголем белег. Притоа се и најповрзани во филмското сценарио. Ако се опфатат сите- тогаш нема да е доволен целиот весник, па и двоброј издание.
Комисија пред комисијата за комисиските заклучоци
Прва детерминанта на годината беше Буџетската војна како покритие за личната пресметка на вечниот лидер на опозицијата со власта, но и со внатрепартиските несогласувања. Како и да е, опозицијата годината ја почна на улица, вон Собранието, со закана за бојкот на локалните избори. „Комисија“ беше топчето меѓу власта, опозицијата, Претседателот, Брисел. Бојкотот беше потребен за да се спаси образот од нов пораз на лидерот пред редовниот конгрес, кога неминовно би го бутнале од тронот. Онака како што голем дел од членството претпоставуваше, тешката артилерија на отпорот остана без муниција многу порано од посакуваното. Само тешка криза со вмешаност на меѓународната до степен на протекторат ќе го спасеше тој состав на СДСМ од распад, сметаше но се пресмета лидерот.
Мендух Тачи, претседателот на ДПА во интервју за „Република“ откри дека странски амбасадори му дале информации за 24.12.12.
Р: „Сакате да кажете дека биле запознати со планот што се спроведува сега?“
Тачи: „Да, бидејќи се што зборуваа и се на што инсистираа беше мојата партија да не се вклучи, бидејќи може да биде многу опасно“ – Република, 11 јануари 2013.
На 25 јануари, „Република“ најави нова партија, формирана од Владо Бучковски. Иако тој не го потврдуваше тоа, информациите говореа дека веројано тоа ќе се случи по Конгресот на СДСМ, со интелектуалци кои не се согласуваат со политиките ниту на власта ниту на опозицијата.
Напнатоста дали ќе се оди наизбори или не ја прекина Стевчо Јакимовски. Го позајми печатот на Драгиша Милетиќ за ново Карпошово востание. Приодот на февруари, опозицијата ги нарече неопределените „Идиотес“ и се врати во Собранието. Први март е, Комисијата е договорена, изборите може да почнат.
Кичево „И воздухот стана рамковен“
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во изборна коалиција? Да, и тоа се случи. Новиот волумен на Кичево по мерка на ДУИ, ги натера до немај-каде закрвавените блока да проголтаат кнедла и да излезат со заеднички кандидати во Кичево и во Струга. Тоа беше единствениот одговор на најавениот заеднички кандидат „за да не победи Македонец“. Одеднаш Кичево стана дел од патот низ кој пропатуваа Дехари, Меџити и други од врвот на ДУИ во сонот за Голема Албанија.
„Тоа што ќе биде пресудно се гласовите на Турците и на Ромите. Ги има околу 3500 Турци со право на глас. Доколку Албанците ги придобијат нивните гласови, ја добиле битката за Кичево“– анализира Република на 22 март.
По изборите, информациите од градот посочија на гласови на Роми, Турци и на Македонците муслимани. Се вели дека ромските гласови биле купени, додека кај Македонците муслимани имало други причини. Но останува и фактот дека не го следеа Фијат Цановски чие ПЕИ влезе во изборна коалиција со ДУИ за Струга и за Ростуше- Маврови Анови.
Локалните како лакнус за случувањата
Предноста од 115 илјади гласови на ВМРО-ДПМНЕ уште во првиот круг, како казна од граѓаните за сите случувања кои претходеа, ги затвори устите во СДСМ за предвремени парламентарни избори. Ниту вториот круг не им е предизвик, СДСМ почна војната за избор на наследник по мерка на шефот.
„Во партијата има моќно крило кое… не би поддржало комбинација со име од врвот во било кој период… На партијата и требаат свежи имиња кои во никој слчај не би можело да се поврзат со пораз или девастација на партијата, инаку нема да има разлика во тоа што СДСМ ќе го прати како сигнал до јавноста. Во тој кош ги вметнуваат Шекеринска, Макадули, Заев или други истрошени ликови“- пишува Република на 5 април.
445 илјади гласови Бранко Црвенковски ги оцени како што ги гледаше само тој „И за тоа што сите мислат дека СДСМ беше поразен, сакам да кажам дека многу се лажат, на овие избори губи нашиот народ и целата наша земја“.
Помалиот брат, ЛДП е задоволен. Освои 18 советнички места, наместо 40-те во самостојниот настап. Затоа, Андреј Жерновски на трипати го освојуваше Центар.
Во април Филе потсети „Сега е најважно да се формира анкетна комисија која ќе ги расчисти настаните од 24 декември“. Јохан Тарчуловски беше дочекан од Хаг.
Зоран Заев, Х- Фактор освојувач на СДСМ
Подготовката на овој дел од прегледот навистина заслужи најголемо внимание. Опозицијата, кој како сака нека разбере, е кичмата, столбот на демократијата, а тие вредности се можни само ако учествуваат во системот, во институциите. На конгресот претходеа месеци и месеци анализи и предвидувања.
„Новото раководство ќе има тешка задача, предуслов ќе биде вистинската реформа и перестројка, која ќе треба да значи збогум со Црвенковски, но и со целото раководство. Не е само „Папата“ виновен за поразите…“ анализира Република на 31 мај.
Свитканата кичма на Зоран Заев доби задача на плеќи да го понесе СДСМ кон воздигнување. Наместо таксативно редење на фактите, но и без намера некој да се почувствува навредено, го артикулираме прашањето од јавноста: го доби ли СДСМ најдоброто или најлошото решение? Легитимно е прашањето дали Заев во овие половина година владение без докажана сувереност, се покајал за прифаќањето на оваа функција? Прво, заради погоре наведените ставови на голем дел од членството. Потоа заради низата личи изјави- наизуст научени одговори на определен тип на прашања во комбинација со контрадикторности околу ставот за прашањето за наметнатиот столб. И особено заради семејството во чие владение, според документите, се префрлани општински пари, а богатството од шест или седум милиони евра се смета за „средна класа“.
„За разлика од голем број нови лидери на партии, дури и држави што расчистувајќи со старите хипотеки на својата партија или држава се извиниле, Заев не може да смета на тој секогаш симпатичен чекор, кој често може да ги врати разочараните или да донесе нови симпатизери. Доколку се извини за гревовите на СДСМ тоа ќе значи дека се откажува од 30 илјади поддржувачи на Црвенковски кои тоа ќе го протолкуваат како директен напад против него. Извинувањето не е можно и поради фактот што меѓу 2008 и 2009 година тој беше чувар на тронот, односно, В.Д. претседател, а веќе десетина години е дел од најтесниот врв на СДСМ“. (Република 7 јуни)
Комисијата не е заборавена
А каде е комисијата, условот од почетокот на текстот?
„Ако сакаш да ја заглавиш работата, формирај комисија“, анализираше Република на 10 мај. „Имајќи предвид колку време помина за комисијата воопшто да се оформи, а заглави на главниот играч- претседателот, тогаш можеме само да претпоставиме колку ќе трае и каква ќе биде дебатата“.
Дебата за заклучоците го покажа лицето на новото раководство на СДСМ. Да ја искористи иднината на државата во борба за превласт со ВМРО ДПМНЕ. На условувањето Власта да прифати дека го прекршила Уставот, Никола Груевски го употреби адутот од кој СДСМ бега како ѓавол од крст- Избори како референдум кој тоа го прекршил Уставот „Па нека одлучи народот, каде е вистината и кои луѓе сака да ја водат земјата во наредните години. Со ова еднаш за секогаш ќе се затвори ова прашање и ќе се одбегне негативен извештај за Македонија“, порача Никола Груевски на 24.август.
Очекувано СДСМ не прифати избори туку надгласување, а ВМРО ДПМНЕ го потпиша документот во име на европскиот напредок. „Извештајот претставува палома-хартија, а членовите на комисијата од СДСМ се однесуваат како деца во продавница за играчки, кои не знаат што да изберат“- оцени Илија Димовски на 26.август.
И што од тоа? Европската препораката остана, Грција блокираше, а новата Комисија за спроведување на заклучоците се формираше и, (неочекувано?) се заглави на почетокот. Заев ги повлече членовите, заради обвинет партиски член за криминал. Нејзината работа ќе продолжи годинава. А можеби и нема. Се мириса на избори. Претседателски, се разбира.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


