КОНЦЕРТ

2013 година, барем во споредба со претходните неколку години, не изобилуваше со толку многу концерти, ниту на македонски ниту на странски музички имиња.
Меѓутоа, помалиот квантитет, не значеше и помал квалитет – напротив.
Сепак, концерт на годината, а можеби и најдобрата роденденска забава на сите времиња, е концертот по повод 50. роденден на човекот. За Игор Џамбазов не се потребни епитети, сепак не е излишно да се кажат неколку факти.
Концертот, кој се одржа на 1 ноември, го преполни спортскиот центар „Борис Трајковски“, а иако траеше повеќе од четири часа, многубројните гости и пријатели на сцената не ја изморија публиката, туку се чекаше за песна плус.
Се пееше во еден глас, се плачеше, се смееше, се создаваше сеќавање за навек.
АЛБУМ

Иако во конкуренција се најдоа и големи македонски музички имиња, како Калиопи, Тони Зен и Каролина Гочева, еден од најквалитетните албуми издадени во 2013 година, дефинитивно, е тој на битолскиот состав „Фолтин“.
Групата со нивното шесто по ред издание ја прослави 15-годишнината од постоењето, а „Антитело“ само ја зацврсти на позицијата култни македонски групи.
Иако незаинтересиран за популарноста и публицитетот, „Фолтин“ излезе од малиот круг на почитувачи и сѐ повеќе се афирмира меѓу омилените состави на пошироката јавност.
ПЕСНА

„Љубов“ – песна со едноставно име и игрива мелодија – ги победи и баладите и хипхоп-изданијата. Првата солистичка песна на младиот рапер и пејач Тајзи беше изгласана на анкета на веб-сајтот на „Република“ за песна на годината.
ПЕЈАЧКА

Можеби на фестивалите го добива второто место, но секоја наредна топ листа го докажува спротивното. 2013 е година на Тамара Тодевска. Без разлика дали се работи за балада или аренби-песна, Тамара е пејачката која ги поставува и поместува границите на квалитетот на македонската музика.
ПЕЈАЧ

Можеби го немаше активно со нови песни или изданија подолго време, но титулата пејач на годината мора да му припадне на Ламбе Алабакоски. Момчето од Љубојно направи враќање за паметење. Првпат ја промени својата матична продуцентска куќа, се ожени, издаде нови песни. Сепак, ништо од тоа не е важно кога ќе се спомене победата на „Скопски фестивал“ и освоената прва награда од 20.000 евра. Што повеќе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


