Македонскиот фудбалер дефинитивно нема намера да ја смени одлуката дека нема повеќе да настапува за македонската фудбалска репрезентација. Напаѓачот на Наполи во интервју за „24Вести“ изјави дека нема простор за размислување и дека тука е крајот на неговата репрезентативна кариера.
– Знаев дека оваа моја одлука ќе наиде на критики од македонската јавност, но бев подготвен на тоа. Ова е моја одлука, сигурно за доброто на македонскиот фудбал за да се поправат многу работи. Како што напоменав и во претходните интервјуа, јас секогаш сум подготвен да помогнам, но оваа одлука е конечна и веќе нема да настапувам за Македонија“ – изјави Пандев за „24 Вести“.
Тој дополни дека оваа одлука не е донесена сега, туку уште пред неколку години, но токму пред неколку месеци конечно решил да „пресече“ околу својата репрезентативна кариера.
– Горан Пандев не се откажа сега, оваа одлука ја донесов уште пред неколку години. Едноставно веќе не можев да трпам некои работи што се случуваат. Се надевам дека Македонија ќе има подобри резултати од досегашните – истакна Горан Пандев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


