| четврток, 6 декември 2018 |

„Да им се вратиме на подзаборавените човечки вредности“ видеочеститка на Зоран Заев

Во миговите кога се подготвуваме стариот календар од нашите животи да го замениме со нов, сакам своите чувства, размислувања и желби да ги споделам со Вас – луѓето кои ги сакам и почитувам, со Вас – луѓето кои ги чувствувам за свои, со Вас – луѓето со кои заеднички живееме во една иста земја. Се збогуваме со една година која индивидуално, секој од нас, ќе ја памети по добро или зло, но сите заедно ќе ја паметиме како година на наше назадување, отуѓување, осиромашување, иселување и борба за преживување – вели претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во новогодишност видеообраќање.

Foto Novogodisno obrakanje na Zoran Zaev– За Македонија 2013 беше година на изгубени битки. Беше тоа година на микрораскош и макробеда. Беше тоа година во која се огледаа сите наши слабости и недоследности. Лесно е да се каже: „Ајде, што побрзо да ја заборавиме оваа година“, но тешко е тоа да се направи. Годината која заминува од нашата сцена, не е која било и чија било година, туку изгубена година од нашите животи. А животот е само наш и само еден. Годината не ја изгубија граѓаните, туку некој им ја украде за свои потреби.

СДСМ заедно со Вас го вперува прстот кон виновниците од власта и сериозно ги предупредува дека Македонија и нејзините граѓани нема да им дозволат нова кражба и ново газење по честа и достоинството. Немаме нови години за губење поради нечовечката злоупотреба на власта oд изгубените во времето и просторот. Токму затоа, и оваа 2013 година може да ни биде од полза,  доколку знаеме како да извлечеме поуки од неа. Ќе ни биде од полза оваа година, ако ни биде  четиво или лектира од која ќе научиме како не треба, како не смее, како не мора.

Треба да знаеме дека преминот од една во друга година е само миг кој временски одделува, но и временски спојува. Тоа значи дека ништо особено нема да се промени ако ние самите не се промениме и ако не го промениме начинот на нашето размислување, однесување и делување.

На прагот сме на новата 2014-та година. Полни со надежи и очекувања. Верувам дека поучени од досегашното искуство, ќе знаеме да направиме пресвртница во нашите животи. Дека, почитувани мои сограѓани, ќе знаеме заеднички да креираме амбиент согласно Вашите потреби. Она што мора да го сториме е да им се вратиме на подзаборавените човечки вредности според кои, зборот ќе биде збор, образот – образ, а подадената рака за хуманост, солидарност и поддршка – добар доказ дека сме луѓе, во вистинската смисла на зборот.

Да бидеме  свесни дека  сме господари на нашите  животи и да не дозволиме да бидеме служители на оние од власта кои нам треба да ни бидат служители. Само така ќе бидеме сведоци на остварениот стремеж за благосостојба на Македонија. Тоа што Македонија го заслужува, тоа што граѓаните го заслужуваат, ние сме должни да им го овозможиме.

СДСМ заедно со граѓаните цврсто и непоколебливо опстојуваат во намерата да го променат хаотичниот амбиент во државата. СДСМ заедно со  граѓаните се одлучни стравот да биде заменат со храброст, шепотењето со слободен и силен збор, очајот и песимизмот да го заменат со гордост и оптимизам, сиромаштијата и социјалната неправда со достоинствен живот. Режимот ќе биде заменет со апсолутна слобода за сите.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија  е решен, Македонија- сегашното слепо црево на Балканот, да ја воздигне во Македонија – составен дел од европското семејство на народи. Само така личната, семејната и колективната среќа ќе ни бидат во совршена хармонија.

Почитувани граѓани, со желба за весели и среќни новогодишни празнувања Ви посакувам никогаш да не престанете да сонувате за поубаво утре, а по празнувањата заеднички да се потрудиме, тие соништа да се преточат во реалност. Од длабочината на мојата душа и од се срце, Ви посакувам многу среќа, здравје, радост, бериќет, спокој, мир и  успеси во новата  2014 година- вели во новогодишност видео- обраќање претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top