– Македонија мора да ја воведе таканаречената Младинска гаранциска шема, по урнек на државите-членки на ЕУ. Ова е заклучокот од заедничката работилница на Советите на СДСМ за ЕУ интеграции, за образование, за социјална политика и за локална самоуправа свесни дека повеќе од половината млади во Македонија (51 отсто) не учествуваат во пазарот на трудот – рече денеска Лидија Димова, претседател на Совет за ЕУ интеграции на СДСМ.
Таа објасни дека суштината на оваа шема е државата да преземе обврска на младите да им понуди квалитетни понуди за вработување, натамошно образование, практиканство или дообука во рок од четири месеци откако ќе станат невработени и ќе се пријават во Агенцијата за вработување или откако ќе го напуштат формалното образование.
– Со жалење констатиравме дека иако Република Македонија ги има донесено сите потребни стратегиски документи за решавање на проблемот на невработеноста на младите, ништо практично не е направено за да се смени состојбата со младите. Згора на тоа, младите се третираат како маргинализирана осиромашена група во општеството, а не како ресурс за развој на државата.Средствата наменети за активните мерки за вработување во Буџетот на Република Македонија од година во година се намалуваат. Ако во 2011 година тие биле околу 500 милиони денари (или околу 8 милиони евра), во 2012 година нивниот износ се зголемува на околу 600 милиони денари (или околу 10 милиони евра), за во 2013 година износот повторно да падне на 550 милиони денари (или околу 9 милиони евра). И во буџетот за 2014 година, бројката е намалена на 500 милиони денари (или на околу 8 милиони евра) – рече Димова.
Таа објасни дека стратегијата за вработување на млади до 2015 година има и финансиска конструкција. Средства за неа гледаат само кај четвртата компонента на ИПА.
– Трите совети на СДСМ констатираа дека младите мора да добијат приоритетен третман во Република Македонија веднаш! За таа цел предлагаме итно да се воведе – на еден инклузивен начин – Младинска гаранциска шема, која ќе создаде сигурност кај младите и ќе ја зголеми нивната доверба во институциите на системот. Четвртата компонента на ИПА да се стави во функција на ваквата шема. Тековните активни мерки за вработување мора да се ревидираат и да се отворат и за граѓанскиот сектор. Конечно, мора да се воспостави Националната рамка за квалификации, и да се признае неформалното и аформалното образование. За полесно социјално вклучување на неактивните млади во локалните заедници, пожелно е да се создаде и Младински портал. Во најблиското соседство веќе има вакви шеми, така што соработката на младите може да се одвива и на регионално ниво и да се формираат регионални мрежи на бизнис-ангели – рече Димова.
СДСМ бара посебно внимание да се посвети на мерките за вработување на младите. Предлага изградба на Полигон-центри за обука на дефицитарни стручни кадри, како и воспоставување социјални претпријатија во кои можат активно да се вклучат поголем број млади на локално ново. Овие мерки партијата наскоро ќе ги промовира и пред граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.