Доколку останете дома за дочекот на Новата година, македонските телевизии ќе понудат стандардна новогодишна програма со сериите кои ги следите секојдневно, многу музика и многу филмови, информира порталот Твпакет
Македонската телевизија, како и минатата година, и овој 31 декември ќе понуди најбогата празнична програма. Во 17.45 часот почнува детското новогодишно шоу „Песна за моето срце“ со водителката Даниела Станоевска-Џидрова. Во 18.50 часот следува новогодишна епизода на цртаната серија Дора, во 20 часот концерт на „Танец“ и во 21 часот почнува новата сезона на „Танц со ѕвездите“. Новогодишното издание на „Танц со ѕвездите“ ќе нѐ запознае со новите натпреварувачи, а освен танц ќе слушнеме и многу музика. По полноќ следуваат филмовите „Казино ројал“ и „Бришачот“.
Новогодишната програма на „Сител“ почнува во 18 часот со квизот „Сѐ или нешто“, потоа следува новогодишниот Дневник со гафови од изминатата година, во 19.45 нова епизода на најгледаната програма во Македонија – „Судбината на Фатмаѓул“. 21 часот е време за новогодишната емисија снимена во студиото на „Сител“, чија водителка е Снеже Велков. По влегувањето во Новата година на „Сител“ почнуваат филмовите „60 секунди“, „Клик“ и „Дус биголо европски жиголо“.
Дента за Нова година на „Канал 5“ ќе се емитуваат новогодишни емисии на „Билките на баба Рада“ и квизот „Среќни коцки“, а специјалната новогодишна програма почнува по редовните епизоди на турските серии „Притаени страсти“ и „Величествениот“. Програмата се вика „Сите на нозе“ и со неа гледачите ќе ја дочекаат Новата година во многу весела атмосфера заедно со Драган Вучиќ, водителите на телевизијата, како и многу естрадни ѕвезди. По полноќ ќе се емитуваат скопските концерти на Харис Џиновиќ и на Северина.
Програмата на „Алфа“ со новогодишна програма почнува уште во 10.45 часот наутро со концертот на „Танец“. Во текот на денот ќе уживамe и со звуците на „Љубојна“ и Мирослав Илиќ, а Андријана Алачки и новогодишната емисија за новогодишната трпеза ќе се емитува во 20 часот. По неа следува новогодишно издание на српското „Шоу на сите времиња“, а главната прослава е со етнозвуците на „Зајди Зајди“ и Зуица Лазова.
Новогодишна програма ќе емитуваат и локалните телевизии. На скопската „Скај нет“ ќе се емитува емисија снимена во ресторанот „Два елена“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.