| четврток, 6 декември 2018 |

Нацоски со „Сивилскиот бербер“ ја слави десетгодишнината од настапите на меѓународна сцена

Со улогата на грофот Алмавива, познатиот македонски тенор Благој Нацоски вечерва на сцената на Македонската опера и балет (МОБ) ќе биде изведена оперската претстава „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини со која Нацоски ќе ја одбележи 10 години од настапите на меѓународна сцена.

Македонскиот тенор Благој Нацоски ги освојува сцените на најпрестижните оперски сцени во светот од самиот почеток на неговата кариера, афирмирајќи се пред се како еден од најуспешните изведувачи на моцартовите партии. Во 2003 година дипломира на Конзерваториумот „Личинио Рефиче“ во Фрозиноне. Се усовршува со Силвија Боса во Фиренца. За време на школувањето во Италија, остварува богата концертна дејност низ Македонија и Италија, а исто така освојува и многубројни меѓународни награди и признанија.Неговата кариера почнува во февруари 2003 година со настапот на сцената на Римската Опера (Театро делл’Опера ди Рома), како прв Македонец што воопшто настапил во оваа престижна оперска куќа. Ја исполнува улогата на Артуро во операта „Лучија од Ламермур“ од Гаетано Доницети, под диригентската палка на Маестро Даниел Орен и режија на Греам Вик. Од таму неговата кариера рапидно се шири низ целиот свет, склучувајќи ексклузивен договор со менаџерскиот „гигант“ ИМГ Артистс.

Настапува во најпрестижните театри низ целиот свет пеејќи ги главните тенорски роли во оперите „Дон Џовани“, „Така прават сите жени“, „Волшебната флејта“, „Грабнување од Сарајот“, „Сонот на Скипион“ од Моцарт, „Севилскиот бербер“, „Италијанка во Алжир“, „Турчин во Италија“ од Росини, „Дон Паскуале“ од Доницети, „Сонамбула“ од Белини, „Свртување на штрафот“ и „Сонот на летната ноќ“ од Бритн, како и Вердиевите „Фалстаф и Отело“ и „Аријадна“ на Наксос од Р. Штраус.

Во денешната изведба на „Севилскиот берберин“ покрај Нацоски ќе се појават и гостите од Италија, Кармине Монако, Адријана Јоција, Франческо Верна и Кристијан Фаравели во улогите на Дон Бартоло, Розина, Фигаро и Дон Базилио.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top